Во недела (18 Мај) во Тетово беше организиран настанот „Сите под еден чадор“ чија целна група беа младите Роми и нивните родители, а целта на настанот беше:
– Поттикнување на младите Роми поактивно да се вклучат во образовниот процес
– Информирање на Ромите за можностите кои им се нудат од страна на институциите
– Намалување на образовните разлики меѓу Ромите и другите националности
– Поттикнување на поголема соработка, култура и толеранција кон младите Роми
Настанот започна со јавна трибина која се одржа во ДМУ „Тодор Скалоски Тетоец” на тема “Поттик, интегрирање и соработка на младите Роми со локалните институции”. На трибината беа презентирани успешни приказни на неколку млади личности од различна националност. Учество земаа: Имран Јашари – дипломиран професор на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, Тефик Сали – дипломиран доктор по општа медицина, Ваљон Садики – регионален кооринатор на УСАИД/УЕС мрежа и Михаило Марковиќ – докторанд на Филозофскиот факултет. На трибината имаше и преставник од Агенцијата за вработување од Тетово, Новак Ристовски, кој ги презентираше оперативните мерки и програми за вработување.
Имран Јашари изјави – “Бев амбициозна и упорна, се запишав во средно и бев одлична ученичка, но тоа не беше доволно, па решив да се запишам на Филолошкиот факултет при УКИМ каде и дипломирав. По завршувањето на факултетот се вработив како наставник по ромски јазик и литература. По моето четиригодишно работење како професор се вработив во Владата на РМ и се уште сум таму на работна позиција помлад соработник во Секретаријатот за спроведување рамковен договор”.
Вториот дел од настанот продолжи со работилница во просториите на Младински образовен форум – Тетово. Работилницата беше на тема „Подготви се за работа”. Учествуваа околу дваесетина млади Роми кои беа обучени како да изработат CV, како да напишат мотивационо писмо, како да се подготват за интервју за работа и да се запознаат со стратегиите за барање работа.
Настанот беше организиран од страна на група на млади активисти, кои учествуваа на Школата за активно граѓанство (Тренинзи за младински активизам) како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество во организација на Младинскиот образовен форум.