Одговорност ќе има откако комисијата во понеделник ќе ги даде препораките и ќе постапи соодветно. Нема можност некој да се изземе од одговорност, рече министерката Мила Царовска во синоќешната дебатна емисија „Топ тема“ на ТВ Телма, зборувајќи за случајот со 13-годишното девојче, штитеник на Јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај“.
За штитеничката која од ЕЦПР рекоа дека морала да абортира откако била силувана, Царовска најави дека ќе побара одговорност од лицата кои раководат со институцијата. Според министерката, се работи за проблеми наталожени со години, а сите институции треба да изреагираат навремено, постепено и одговорно. Потенцира дека веќе се работи на трансформација на големите институции во мали групни домови.
„Првите излегувања на деца од институции се предвидени за мај – јуни 2018. Специјализираните мали групни домови ќе се справуваат со оптоварени деца со социјален ризик. Се работи со посебни протоколи, со посебни специјализирани лица. Дел од луѓето се обучуваат во овој момент и се од вработените, а дел ќе бидат нови лица кои ќе се вработат“, рече Царовска, дополнувајќи дека е многу важно да се намали сиромаштијата за да нема питачење и да не се пристапува кон одземање на родителското право.
Хелсиншки комитет за човекови права побара итна истрага и одговорност. Од извештајот на Европскиот центар за правата на Ромите, велат тие, произлегува дека штитеничката заедно со други деца од домот биле однесени на „детски летен камп”, каде непознат маж сексуално ја злоставувал штитеничката.
„Откако била вратена во домот, штитеничката го пријавила злоставувањето кај згрижувачите во домот, но пријавите не биле земени како релевантни и штитеничката била обвинета дека лаже. Подоцна штитеничката била пренесена во Заводот за згрижување ‘Ранка Милановиќ’, каде открила дека останала бремена како резултат на злоставувањето“, реагираа од Хелсиншки.
Од Комитетот се обратиле до ресорното министерство и освен надзор во „25 Мај“, побарале да се испита зошто пријавите на штитеничката не биле земени предвид од вработените и дали воопшто било испитано дали наводите се вистинити и врз кои околности било заклучено дека се работи за лажни наводи. Исто така, да се испита зошто за случајот не било известено МВР.
Напоменуваат дека во случајот се работи за кривично дело „Трговија со дете” согласно член 418-г од Кривичниот законик на РМ, според кој следува казна и до најмалку 10 години затвор.
„Алармантна е веста дека освен предметниот случај, постојат сознанија за уште два слични случаи на малолетни девојчиња кои исто така се штитенички на установата „25 мај”, стои во реакцијата на Комитетот.
Народниот правобранител смета дека сексуалната злоупотреба на малолетничката е резултат на индолентниот однос на институциите. Вистина е, велат оттаму, дека институцијата е од отворен тип, но вработените и старателот требало да се заинтересираат зошто таа толку често ја напуштала установата и каде го поминувала времето.
Народниот правобранител по посетата во установите констатирал дека станува збор за дете во ризик, на чии родители им е одземено родителското право, и е под старателство на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје.
„Во горенаведената институција детето е сместено од декември 2016 година и повеќе пати, според негово кажување, самоволно ја напуштала институцијата. За Народниот правобранител неспорно е дека наведените установи се од отворен тип што значи дека штитениците во секое време можат да ја напуштат установата. Но, со оглед на тоа што станува збор за деца во ризик со назначен старател од државен орган смета дека надлежните затаиле во овој случај. Наведеното од причина што не покажале интерес да ги утврдат причините за честото напуштање на домот од страна на малолетничката, како и за тоа каде и со кого го поминувала времето по напуштање на установата“, соопшти Народниот правобранител.
И за ХЕРА релативно честото известување на медиумите за исчезнувања и злоупотреби на деца згрижени во воспитно-поправните домови укажуваат на индиции за тешки кривични дела пред кои, велат тие, институциите не смеат да останат пасивни.
„Информациите од надлежното Министерство дека станува збор за трговија со луѓе треба да бидат повод Основното јавно обвинителство по службена должност, по допрен глас, да поведе постапка за утврдување на кривична одговорност во конкретниот случај. Одговорност мора да се бара и од сите надлежни институции за социјална грижа. Конечно, ваквите случаи ја потврдуваат неопходноста од функционален систем и сервиси за психосоцијална грижа и поддршка на деца жртви на сексуално насилство каде што посветено ќе се работи на индивидуално зајакнување и прекинување на насилството“, велат од ХЕРА.
Засега, соопштува организацијата, единствен специјализиран центар во земјата кој пружа ваква поддршка надвор од системот е Прв Семеен Центар – ПСЦ во Град Скопје.
„Превенцијата на секаков вид на злоупотреби на деца е можна само со системски пристап на сите надлежни институции и преку преземање ефикасни репресивни мерки за справување со сторителите“, велат од таму.
Според Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ, институционалната грижа не може да обезбеди соодветна заштита на децата од повреда, ниту пак можат да обезбедат здрав развој на децата и нивно закрепнување од траума, злоупотреба или занемарување кои можеби ги доживеале во семејството.
„Токму затоа Владата, ЕУ, УНИЦЕФ и другите партнери работат заедно на трансформирање на овие институции и згрижување на децата во семејна средина, каде секое дете ќе добие соодветна грижа, љубов и посветеност – нешта што сите ги очекуваме за нашите деца. Овие напори драстично се интензивираат во последниве неколку месеци, а Владата се заложи до 2020 година да стави крај на згрижувањето на децата под 3-годишна возраст во институционална грижа“, вели Перкс.
Според него, луѓето кои работат во социјална заштита, образование, здравство и полицијата треба да се поттикнати и мотивирани да дадат сè од себе за децата. „Предизвиците за децата во земјата се големи и ние заостануваме зад соседите од Западен Балкан во многу области. Исто така, имаме висок степен на детска сиромаштија и релативно висока смртност кај новороденчињата, ниски стапки на запишување во предучилишно образование и слаби резултати во средно училиште. Целото наше општество, без разлика дали сме во Струга, Скопје или Штип, треба итно да ги здружи силите за да обезбеди опстанок, заштита и развој на сите наши деца. Можеме да го постигнеме тоа, но ќе го постигнеме само заеднички“, истакнува Перкс.