Од Платформата за родова еднаквост упатуваат остра реакција и истакнуваат дека се згрозени од најновиот случај на жена на која поради погрешна дијагноза за рак на дојка ѝ била направена двојна масектомија.
Оттаму велат дека се крајно револтирани поради инертноста на надлежните институции и флагрантното кршење на законите, особено кога станува збор за груба повреда на правото на здравје.
„Како Платформа составена од 28 организации кои се борат за женските права и кои се во голема мера раководени и сочинети од жени, сочувствуваме со пациентката на која ѝ е сериозно прекршено правото на здравје и телесна автономија, што има огромни последици за нејзината добросостојба и квалитет на живот“, велат оттаму.
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, од 2018 година кога пациентката поднела кривична пријава против двајца лекари и Клиниката за радиотерапија и онкологија за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно работење во службата, па до ден-денес Јавното обвинителство нема донесено одлука за подигнување обвинение или запирање на истражната постапка.
„Згора на тоа, Вишото јавно обвинителство – кое реагирало по поплака од Хелсиншкиот комитет! – известило дека Основното јавно обивинителство постапувало во согласност со Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство и покрај тоа што истражната постапка трае речиси 4 години“, посочуваат од Платформата.
Оттаму додаваат дека за надлежните не е спорно непочитувањето на законски утврдените рокови според кои истражната постапка може да трае најмногу 13 месеци, ниту неажурноста на Лекарката комора која доставила Извештај за вршење вонреден инспекциски надзор по повеќе од 2 години, и тоа по ургенција на Хелсиншкиот комитет.
Од Платформата констатираат дека на овој начин, правосудниот систем и Лекарската комора посветено придонесуваат кон културата на неказнивост, недовербата во системот и непочитувањето на човековите права со што директно ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените.
Оттаму бараат Јавното обвинителство итно да постапи и да донесе јавнообвинителна одлука.