Во врска со судската пресуда донесена од судијката Јованка Спировска Панева во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, за сторијата „Заговор против воздухот“, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја известува јавноста дека се приклучува кон реакциите дека слободата на изразување е уставно гарантирана категорија и како таква е неприкосновена.
Оваа слобода, велат од таму, може да биде ограничена само во одредени, точно определени случаи кога се загрозува јавната безбедност и мир, јавното здравје и слично.
„Граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања кои се од исклучителна важност и се однесуваат на јавниот интерес и остварувањето на ова право треба да биде поттикнувано и охрабрувано од сите релевантни чинители во општеството. Објавувањето уреднички обликувани содржини во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди, кои притоа се емитувани и на јавниот сервис е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните“, стои во реакцијата на АВМУ.
Во образложението на пресудата судијката Јованка Спировска Панева посочува дека истражувањата на ИРЛ не смеат да се публикуваат пред граѓаните, туку треба исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Односно, уредничката на Сашка Цветковска и тимот на ИРЛ не се новинари и не се медиум. Судијката цени и дека морала да го зашити приватниот интерес, а не колективниот и го повика Министерството за правда да забрани ИРЛ да врши дејност, односно да ја укине.
Ваквата пресуда големи реакции во јавноста, особено меѓу новинарската фела и активистите и експертите што се залагаат за слобода на говор и изразување.
Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ,) пресудата може да се толкува како повик на судијката до извршната власт за институционална пресметка со критичните медиуми.
„Овој опасен судски преседан штети на независноста на медиумите и истиот е во колизија со Советот на Европа. Конкретно е во спротивност со препораката cm/rec(2011)7 според која се смета дека заради посебната природа на интернетот, ‘обврските и одговорностите’, кои треба да се доделат на информативен интернет портал за потребите од членот 10 на ЕСЧП, истите можат да се разликуваат до одредено ниво од оние на традиционален издавач“, потенцираа од ЗНМ.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) потенцираше дека квалификациите во пресудата, со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето, претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите и води кон потенцијална цензура.
„Уште повеќе загрижува и повикот на судијката до државните институции да го преиспитуваат работењето на граѓанските организации кои објавуваат новинарски содржини, па дури и камуфлирано предлага нивно затворање, што е својствено за авторитарни и диктаторски режими кои се пресметуваат со оние кои откриваат важни теми од јавен интерес“, стои во реакцијата на ССНМ.
Со своја реакција се јави и претседателот Стево Пендаровски. Тој посочи дека етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој.
„Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, посочи Пендаровски.
Бојан Шашевски