Граѓанските организации кои се дел од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како избрани претставници на граѓанскиот сектор, упатија реакција за, како што велат, односот на Владата кон Советот и воопшто кон граѓанското општество.
Тие бараат од премиерот, Димитар Ковачевски, да оствари средба со претставници на граѓанските организации од Советот, за да ја појасни политиката на Владата кон граѓанското општество, да се постигне согласност за претходно покренатите проблематични прашања и вистински да се возобнови дијалогот кој бил воспоставен во изминатите години.
„Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на клучните негови препораки и заклучоци, што е основна негова надлежност како советодавно тело на Владата“, велат претставниците, додавајќи дека досегашните барања и повици за средби биле неодговорени од страна на Владата.
Претставниците од граѓанскиот сектор велат дека се длабоко загрижени поради влошената соработка, отсуството на суштинска, па дури и на формална комуникација и дијалог.
Тие истакнуваат дека се соочуваат со предизвици по следниве прашања:
- Беа усвоени измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации без консултативен процес на засегнати страни, особено на Советот за соработка и пошироко граѓанските организации. Ценејќи дека постои активна работна група за измени и дополнувања на овој закон минимум очекувано беше од Владата да го отвори консултативниот процес преку јавна дискусија во Собранието на Република Северна Македонија;
- Во изминатата година Владата и формално и суштински ја прекрши институционалната поставеност во врска со укинувањето на средствата наменети за поддршка на активностите на граѓанскиот сектор од Генералниот секретаријат на Владата и без консултации го утврди Министерството за политички систем и односи со заедниците како надлежно министерство за распределба на средствата за поддршка на граѓанските организации. Со ваквиот начин на постапување, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците излезе целосно од рамките на своите надлежности, што е утврдено со правната рамка на државата. Ова укажување беше во неколку наврати посочено од Советот за соработка, но Владата и Министерството целосно го игнорираа ставот на ова тело;
- Процесот за реформа на државното финансирање и покрај сите напори и во 2022 година не се реализираше и дополнително наместо да се предвиди зголемување на државното финансирање, граѓанските организации се соочија со кратење на средства по различни основи. Ова е целосно спротивно на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество согласно која децидно е предвидено зголемување на средствата за државно финансирање на ГО;
- Владата го затвори консултативниот процес за Реформа на државната управа со што се нарушија основните постулати за соработка со засегнати страни. Овој процес, кој претставува целосна и сеопфатна реформа на државните органи, и покрај неколкуте барања на Советот и воопшто на граѓанскиот сектор продолжува да се води само во рамки на министерствата.
Оттаму дополнуваат дека сѐ повеќе граѓански организации пријавуваат дека е значително стеснет просторот за работа на здруженијата и фондациите, а комуникацијата со повеќе министерства е влошена до загрижувачки размери.
„Имајќи го предвид сето горе наведено, очигледно е дека Владата не работи на постигнување на целите на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и не го спроведува акцискиот план на оваа Стратегија. Истовремено, со оглед на нарушената работа на Советот, не функционира ниту системот за следење на исполнувањето на обврските на Владата од оваа стратегија, за што Советот има мандат“, велат тие.
Избрани претставници на граѓанскиот сектор во Советот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и граѓанското општество, со своите организации:
- Снежана Камиловска Трповска, Македонски центар за меѓународна соработка Скопје – област: Демократија и владеење на правото
- Уранија Пировска, Здружение Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија Скопје – област: Промоција и заштита на човековите права и антидискриминација
- Никица Кусиникова, Здружение Конект Скопје – област: Економски и одржлив развој
- Димитар Низамовски, Здружение на граѓани Младински образовен форум Скопје – област: Наука, образование и доживотно учење
- Зоран Илиески, Коалиција на младински организации Сега Прилеп – област: Млади
- Јасминка Фришчиќ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Скопје – област: Социјална заштита и заштита на деца
- Далиборка Златева, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености Велес – област: Заштита на маргинализираните лица
- Андреј Сених, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни Скопје – област: Заштита на здравјето
- Лилјана Јоноски, Здружение Рурална коалиција Куманово – област: Земјоделство и рурален развој
- Тијана Ана Спасовска, Јадро Асоцијација на независната културна сцена Скопје, област Култура
- Никола Додов, Здружение за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје – област: Медиуми и информатичко општество
- Драгица Костадиновска, Здружение Мултиетничка организација за интернационални култури Мозаик Меик Скопје – област: Спорт
- Ардита Абази Имери, Институт за европска политика – Скопје – област: ЕУ интеграции и политики
- Марија Савовска, Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска Скопје – област: Родова еднаквост
- Сашка Коцевска, Движење на екологистите на Македонија Велес – област: Заштита на животната средина