На 02.05.2018 година Собранието го изгласа новиот, долгоочекуван Закон за високото образование (ЗВО). Овој нов закон внесе надеж помеѓу академската заедница и стручната јавност дека, конечно, високото образование во Македонија ќе тргне со полна пареа напред, реагира Младински образовен форум.
Реакцијата на МОФ ви ја пренесуваме во целост:
Иако помина повеќе од една година од донесувањето на овој закон, пропуштени се скоро сите рокови за формирање нови тела предвидени во него, а се уште нема најави ниту кога ќе се случи изборот на нови и легитимни студентски претставници.
Така, новиот ЗВО предвидува формирање на Агенцијата за квалитет на високото образование, која треба да биде составена од одбор за евалуација и одбор за акредитација. Оваа Агенција беше голема надеж за конечно унапредување на квалитетот на нашето високо образование. Рокот за нејзино основање е 1 година од донесувањето на новиот ЗВО, но Агенцијата се уште не е основана, ниту пак одборите за евалуација и акредитација.
Притоа, треба да се напомене дека Одборот за акредитација е тело кое, меѓу другото, дава дозволи за формирање на високообразовни установи, како и нивно одземање. Одборот за евалуација, пак, го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на академскиот кадар на високообразовните установи и предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или одземе акредитацијата. Според тоа, во моментов во државата не постои тело кое го оценува и следи квалитетот на академскиот кадар на високообразовните установи и нивните студиски програми.
Дополнително, законот предвидува формирање Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, една година по негово стапување на сила. И ваков Совет се уште не е формиран, ниту пак има информации кога тоа ќе се случи.
Законот предвидува и посебен орган на Универзитетот, наречен Студентски правобранител, кој ќе се грижи за правата на студентите и ќе постапува по нивни претставки, како и по своја сопствена иницијатива. Ова, исто така не е исполнето, а студентите чии права се прекршуваат и понатаму немаат кому да се обратат за помош.
Истовремено, нема никакви најави кога ќе се случат изборите за студентски претставници на најголемиот и најстар македонски универзитет („Кирил и Методиј“), иако новиот ЗВО предвидуваше најдоцна во ноември, 2018 година. Згора на се’, и покрај тоа што законот предвидува рок од 6 месеци од негово стапување да се спроведуваат избори – тоа не се случи.
МОФ како младинска организација која постојано го следи статусот и состојбата на студентското организирање веруваше дека студентите најпосле ќе добијат свои претставници, па оттаму ќе можат директно да се вклучат во процесот на донесување на одлуки – во рамки на факултетот и на универзитетот на кој студираат. Законскиот текст гарантира сегменти од високото образование кои беа исклучително потребни во перидот коj претходеше на пишувањето на законскиот текст. Па така, во него се регулирани: студентското учество, агенцијата за квалитет на високото образование, студентскиот правобранител, карирерните центри на факултетите, национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, и други предвидени тела со соодветни рокови за имплементација и основање на истите.
Дел од задоцнетата имплементација на Законот се должи на одолговлекувањата во процесот на усвојување на Статутите на универзитетите во Собранието, како основач на државните универзитетите. Па така, не само што универзитетите немаат студентско учество и студентски правобранители, туку немаат ниту соодветни статути усвоени од Парламентот и покрај тоа што навремено ги направиле промените согласно новиот ЗВО.
Загрижува тоа што и покрај пропишаните преодни и завршни одредби, казни за непочитување и неимплементирање на законот, надлежните институции не наоѓаат за сходно да се бават со високото образование, кое за жал не оди во нагорна линија. Дополнително, во делот за прекршочни одредби од Законот за високото образование, предвиденa е глоба од 2.000 евра за правното лице, доколку, меѓу другото :
– не формира центар за кариера
– не распише избори за факултетско студентско собрание
Оттука, се поставува прашањето дали надлежните институции ќе бараат одговорност од универзитетите и факултетите за непочитување на законот и дали конечно квалитетот на високото образование ќе се вброи помеѓу приоритетите на нашите Влади?