„Неиздржана инсинуација и обид да се наруши честа и авторитетот“ гласи реакцијата на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски по информацијата на Државната комисија за спречување на корупцијата дека тој незаконски земал две плати – една од клиниката за Дигестивна хирургија и една од Универзитетот.
Антикорупциска соопшти дека утврдила оти по изборот како ректор, Јанкуловски не го ставил во мирување своето работно место на Дигестивна хирургија, а согласно законот требало.
„Ректорот за да може да биде ректор најпрвин треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Медицинскиот факултет. Ова е регулирано со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование, Анексот на Колективниот договор (Службен весник на Република македонија бр. 33/2011), Спогодба помеѓу Медицинскиот факултет и Клиниката за дигестивна хирургија од 21.4.2009 година, и Договорот со Сенатот на УКИМ од 2016 година. Сите професори по клиничките предмети на Медицинскиот факултет имаат двоен работен однос.
Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори. На ниеден ректор до сега не му мирувал работниот однос како што бара ДКСК, бидејќи ректорот е раководна, а не избрана и именувана функција како државните функции. Сите ректори на јавните универзитети од Министерството за образование и наука добиваат буџетски средства како додаток (не плата) за вршење на ректорската функција.
И деканите земаат функционален додаток додека ја вршат функцијата декан“, се вели во реакцијата на Јанкуловски.
Според него, здравствената дејност е потребна за практична едукација на студентите. Нагласи дека ректорот не може 30% да обавува здравствена дејност доколку не е вработен во здравствена установа.
„Со ова ДКСК му ја одзема професорската дејност на ректорот што е во директна спротивност со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование и горенаведените подзаконски акти. Досега немало случај на ниеден универзитет ректорот истовремено да не е професор“, реагира ректорот Јанкуловски.
Се осврна и на обвинувањата за непосоење на правилник кој треба да го донесе директорот на Клиниката за дигестивна хирургија. Јанкуловски го посочи колективниот договор за здравствената дејност врз основа на кој по коефициенти, како што вели тој, се врши исплатата на плати.