Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) упати реакција по повод неодамнешните случувања во Србија, во која повикува медиумите при известувањето за трагични настани, да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности, особено кога се работи за настани кои вклучуваат малолетници кои се сторители или жртви на кривични дела.
„Вестите и информативните програми не треба да се темелат на сензационализам туку треба да содржат проверени информации. Вклучувањето описи, сцени и/или глетки на насилство или друг материјал којшто може да го загрози физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите, мора да биде засновано на одговорна уредничка проценка за неопходноста на нивно прикажување“, се вели во реакцијата.
Од Агенцијата истакнуваат дека професионалната одговорност подразбира и дека жртвите на насилство треба да се третираат со максимална почит и да се води сметка за заштита на приватноста, човековото достоинство, како и личната болка и жалост на жртвите.
„Покрај медиумите, и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи треба да покажат максимална општествена одговорност при реемитување сервиси кои содржат програми со насилство, вулгарен говор и други непримерни содржини кои лошо влијаат врз малолетниците и генерално, можат да ја вознемират општата јавност со таквите содржини“, посочуваат од АВМУ.
Оттаму дополнуваат дека тие треба да бидат особено внимателни при одлучувањето какви сервиси ќе реемитуваат и да применуваат најстроги технички мерки за родителска контрола.