Од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) упатија реакција по повод повлекувањето на Законот за матична евиденција.
Од мрежата велат дека во услови на високо хомофобично и трансфобично општество и исклучителна хомофобија и трансфобија внатре во Собранието, Интерпартиската парламентарна група се основа со цел да биде гласот на ЛГБТИ заедницата, а не само параван за декларитивна политичка волја за вистински промени и градење на демократско и напредно општество.
Од мрежата се сериозно загрижени за недостатокот од поддршка и вистинска заложба на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ правата (ИППГ ЛГБТИ) во процесот на усвојување на Предлог законот за измена и дополнување на Законот за матична евиденција, кој беше повлечен на седница на Комисијата за политички систем.
„Освен јавната поддршка, посветеност и заложби на пратеничките од помалите партии, забележлив е молкот од сите други пратеници, кои се членови на оваа група, за сите прашања поврзани со правата на ЛГБТИ луѓето. Пратениците од Интерпартиската парламентарна група беа активно вклучени во подготовките на измените за овој закон, како и во процесот на влегување на овој закон во собраниска процедура“, велат од НМХТ во својата реакција.
Оттаму нагласуваат дека мрежата преку разни активности соработувала со пратениците за обезбедување на сите потребни податоци и информации за правното признавање народот, биле дискутирани и одговорени сите прашања и правни дилеми кои произлегле од текстот на предметниот закон и биле претставени сите аргументи за реалната потреба од донесување на овие измени.
„Наспроти ова, на денот на седницата на комисијата за политички систем на која предлог законот требаше да биде усвоен, законот остана без никаква поддршка од пратениците од Интер-групата кои се дел од оваа комисија, односно дури четворица од вкупно четиринаесет пратеници“, пишуваат од мрежата, дополнувајќи дека групата не дала никаква поддршка на трансродовите луѓе и законот за матична евиденција во деновите кои претходеа на неговото повлекување, а кои беа проследени со негативна кампања насочена кон трансродовите луѓе од поединци, меѓу кои и пратеници од актуелниот пратенички состав.
Од Националната мрежа потенцираат дека паралелно се обидувала да ги вклучи сите останати пратеници од парламентарниот состав со цел тие да добијат релевантни научни сознанинја, материјали и информации од трансродовите искуства, како и да се дискутираат сите нивни прашања и дилеми.
„Пратениците беа канети на затворени и отворени средби, но на поканите немаше никаков одзив. Имено, на средбата одржана на 17 ноември 2021 година, во организација на Советот на Европа, а посветен на потребата од итно усвојување на предлог-законот за матична евиденција, присуствуваа само 5 од вкупно 120 пратеници кои не ни беа присутни во салата за целото времетраење на средбата“, велат од НМХТ.
Од Мрежата додаваат дека самите пратеници, кои меѓудругото, се припадници на политички партии и од опозицијата и од позицијата кои потенцирале дека носењето на ова законско решение ќе придонесе за подостоинствен живот на трансродовите луѓе и ќе ги заштити од дискриминирачки однос на институциите кон нив.
„Собранието како законодавен орган е надлежен да донесува нови и изменува и дополнува постојни закони, па поддршката од мнозинство пратеници е неопходна за подобрување на законската рамка за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето“, пишуваат во реакцијата од Мрежата.
Оттаму истакнуваат дека освен законодавната надлежност, пратениците имаат и други механизми како да влијаат кон унапредување на ЛГБТИ правата, како што се пратеничките прашања, надзорните расправи, работата на собраниските комисии, основање на анкетни комисии за прашања од јавен интерес, основање на работни групи, вклучување на експерти во работата, спроведување на истражувања и анализи, но и можности за вклучување на граѓански организации и граѓани во работата на Собранието.
„Наспроти ова, пратениците во овој мандат немаат искористено ниту еден од овие механизми за да влијаат во унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето. НМХТ потенцира дека декларативните залагања мора да се претворат во вистински политички одлуки и дела преку усвојување на закони за заштита на човековите права и квалитетен живот на сите граѓани, а не закони кои ги извисуваат маргинализираните заедници и ги задоволуваат идеолошките матрици на конзервативните политички партии“, заклучуваат од Мрежата.