По повод гостувањето во емисијата „Моја сторија“ на Македонската радио телевизија, поддржана од „Европска куќа“, организациите членки на ЛГБТИ Центар за поддршка, упатија реакција по повод говорот на омраза.
Во својата реакција тие велат дека од самото емитување на емисијата, темата, гостите, водителите, а и МТВ се мета на напади од јавноста, како и од многу медиуми кои ја осудуваат одлуката на МТВ да се прикажуваат вакви содржини на јавниот национален сервис, но и изнесуваат невистинити наводи дека тоа е дел од агендата на новата образовна реформа на Министерството за образование и наука.
„Националната мрежа против хомофобија и трансфобија чувствува потреба да појасни неколку работи во јавноста. Прво, оваа емисија не е организирана од Министерството за образование и наука и нема никаква поврзаност со сегашните образовни реформи. Напротив, продукцискиот тим на самата емисија пристапи до нашите организации-членки и побара нивни претставници да потврдат гостување во емисијата, а потоа почнаа со најава на темата на емисијата и испитување на јавното мислење по неа, анкетирајќи неколку млади луѓе во Охрид“, велат оттаму.
Организациите посочуваат дека емисијата имала за цел да прикаже дека ЛГБТИ+ луѓето не бараат посебни права, туку еднаков пристап до и уживање на уставно и законски загарантираните права за сите граѓани, како и да информира за ЛГБТИ+ предизвиците, проблемите и потребите.
„Доколку ја проследивте целата емисија, ќе воочевте со колку препреки секојдневно се соочува нашата заедница – како на пример: непријатни ситуации при посета на доктор или константно чувство на небезбедност кога се движиме по улица – а по реакциите на дел од јавноста на социјалните мрежи се потврдува колку всушност сме нееднакви во општеството во кое живееме и колку се легитимни стравовите по нашата безбедност имајќи ги предвид изблиците на говор на омраза и закани по телесниот интегритет и животите на ЛГБТИ+ луѓето што имавме можност да ги прочитаме деновиве“, се вели во реакцијата.
Организациите исто така посочуваат дека загрижувачки е што дел од наставниот кадар се однесува дискриминаторски и се придружил на бранот омраза што уследи на социјалните мрежи, за што ќе поднесат претставка до Државниот просветен инспекторат.
„Апелираме медиумите да пишуваат и известуваат придржувајќи се до професионалните и етички стандарди, без користење на потпалувачки или сензационалистички говор што може да генерира омраза и насилство кон ЛГБТИ+ заедницата, и најважно, без продукција на лажни вести. Ваквите содржини присутни на интернет порталите се споделуваат подоцна на социјалните мрежи каде што омаловажувањето, потсмевањето и вознемирувањето на ЛГБТИ+ луѓето продолжува со зголемен интензитет“, истакнуваат организациите.