„Реактор“: Не се доволни државните средства за активностите од Стратегијата за родова еднаквост

Извештајот во сенка за имплементацијата на Стратегијата за родова еднаквост за периодот 2018 и 2019 година, утврди дека иако на годишно ниво се издвојуваат државни финансиски средства за исполнување на активностите, како и претходните години, сепак, тие не се доволни, ниту пак процесот на нивно трошење е транспарентен, соопштуваат од „Реактор – Истражување во акција“.

Од таму велат дека напредокот на родовата еднаквост во државата е условен од многу фактори, но еден од клучните фактори се законската регулатива, донесените политики, мерки, стратегии и акциски планови воспоставени за таа цел и нивната доследна имплементација.

Отука, „Реактор“ објаснува дека овој Извештај е четвртиот независен извештај, кој претставува сеопфатна анализа на степенот на исполнување на мерките и активностите предвидени во националната Стратегија за родова еднаквост 2013–2020, ационалниот акциски план 2018-2020 (НПАРЕ), како и во оперативниот план (ОП) за 2018/2019 година со активности во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

„Сè уште постои неконзистентност меѓу планираните активности во НПАРЕ и во ОП и не се земени предвид препораките од претходните извештаи во сенка за 2014 и 2015 година, за усогласување на активностите. Известувањето за имплементацијата на НПАРЕ и понатаму не е според индикаторите предвидени во Акцискиот план и начинот на известување не дава јасен и сеопфатен преглед за напредокот на родовата еднаквост во Северна Македонија, како и за степенот на имплементацијата на НПАРЕ“, соопштува „Реактор“.

Дополнително, велат тие, меѓусебната соработка на институциите надлежни за спроведување на Стратегијата и Акцискиот план е на особено ниско ниво, што е видливо од неусогласеноста во одговорите доставени од институциите кои се однесуваат на активности заемно поврзани, како и од извештаите кои се доставуваат до Министерството за труд и социјална политика.

„Во поглед на соработката на институциите со граѓанските организации, истата е генерално подобрена, но, вклученоста на граѓанските организации во имплементацијата на НПАРЕ и понатаму е ограничена, пред сè поради ограничените материјални услови“, велат од „Реактор“.

Имајќи го предвид степенот на исполнување на активностите од НПАРЕ, дополнува организацијата, најголем напредок се забележува во областите на здравството и медиумите; најслаб напредок се забележува во областите на родово-базирано насилство (РБН) и вклученост на жените на пазарот на трудот; а во останатите области како што се образование, политика и институционални механизми за унапредување на родовата еднаквост во државата, видлив е ограничен напредок.

„Согласно наодите, препораките кои произлегуваат од овој Извештај упатуваат дека е неопходно зајакнување на финансиските, човечките и техничките капацитети на сите чинители одговорни за имплементацијата на Националниот акциски план за родова еднаквост“, велат од Реактор.

Исто така, се препорачува „приоретизирање и секвенционирање на активностите предвидени како дел од акциските планови за спроведување на Стратегијата“.

„Навремено развивање и примена на методологија за следење на спроведувањето на Стратегијата. Понатаму, активно и систематско објавување податоци,  усогласување на оперативните планови со Националниот план за акција, поголемо вреднување на учеството на граѓанскиот сектор во креирањето на стратегиските и на оперативните документи, како и во имплементација на Стратегијата“, стојат како препораки.

Инаку, националната Стратегија за родова еднаквост 2013–2020 е клучниот стратешки документ кој ги предвидува националните приоритети за остварување на еднаквите можности на жените и мажите во период од осум години. Стратегијата, заедно со националните акциски планови и оперативните планови имаат цел да обезбедат целосна еднаквост меѓу родовите на хоризонтално ниво, преку вклучување на родовата перспектива во работата на сите нивоа на институционалната поставеност, но и секторски, преку специфични активности и мерки за унапредување на еднаквите можности.

Целиот извештај, изработен во рамките на проектот за застапување на правата на жените на ниво на ЕУ, поддржан од Фондацијата Квина тил Квина, е достапен на следниот линк.