Годинешното 58. издание на Белградскиот интернационален театарски фестивал (БИТЕФ) започна во средата, 25 септември. Оваа година се одржува под мотото „Убавината (не) ќе го спаси светот“, а претставите во главната програма и придружната програма во изведба на локални и странски продукции се во форматот лекција-перформанс со фокус на лекции за родови и идентитетски прашања, сексуалност и репродуктивни права како и прашањето „Што ќе ја означи иднината на нашиот свет?“.
Радио МОФ вчера (27 септември) ја проследи претставата „Хекаба, не Хекаба“ (Hecuba, not Hecuba) во продукција на францускиот театар Comédie-Française, а во режија на Тијаго Родригез кој неодамна беше именуван за креативен директор на Фестивалот во Авињон (Festival d’Avignon).
Со речиси минималистичка сценографија и фокус на репликите на авторите (како што и патем, оваа година е визуелниот идентитет на фестивалот – пеперутка на уво како симбол на интимноста на слушањето) претставата тече низ две паралелни приказни, едната сместена во Еврипидовите драми „Тројанки“ и „Хекаба“, другата во секојдневниот живот на мајка на дете со аутизам и нејзината борба со органите на моќ.
Надија (Елза Леповир) ја толкува улогата на Хекаба во трагичните дела на Еврипид, а претставата започнува со проби на трупата од седуммина актери кои ги вежбаат своите реплики од „Хекаба“ чија премиера треба да ја одиграат за 14 дена.
Митот за Хекаба ја раскажува приказната за оваа жена, сопруга на Пријам кој е крал на Троја. По Тројанската војна, доаѓа падот на престолнината, и Хекаба освен без дом и сопруг останува и без своите 19 кои се убиени. По жртвувањето на нејзината ќерка на гробот на Ахил, со чија крв е одбележана честа на големиот ахајски јунак, Хекаба во сон гледа дека нејзиниот син Полидор кого Пријам го имал испратено заедно со куп злато во Тракија, е убиен од тамошниот крал поради златото. Скршена од вестите кои доаѓаат една по друга, Хекаба сепак се решава да бара правда за нејзиното последно убиено дете, па од ахајскиот крал Агамемнон измолува да ѝ дозволи заедно со другите Тројанки (по војната, заробенички) да му се одмаздат на убиецот на нејзиниот син и во тоа успева.
Додека ги вежбаат деловите, актерите на публиката ѝ даваат увид во една искрена проба, со разни дофрлања и шеги, премногу грешење на старогрчките имиња и постојано мешање на репликите и улогите, за што по некое време велат „Не сме спремни, а не можеме ни да го обвиниме текстот. Тој е спремен веќе 2.500 години“.
Паралелно, кон крајот на првата третина од дејството започнува приватната приказна на Надија која се наоѓа во судница. Судијата ја чита нејзината тужба против специјализирана установа за деца со аутизам што со месеци ја посетувал и нејзиниот дванаесет годишен син Отис. Во тужбата, судијата набројува ситуации во кои нејзиното меѓу другите деца било злоставувано од вработените, оставано без јадење и физички и психички малтретирано.
По непријатен разговор со нејзината адвокатка во која таа ја прашува „Каква е таа мајка која го остава своето дете во туѓи раце тогаш кога му е најпотребна?“ Надија се враќа на пробите каде ја игра Хекаба која ја оплакува својата судбина барајќи правда за нејзиното последно убиено дете. Секвенците меѓу двете драмски дејствија се разграничуваат со промена на светлото и исечоци од препевот на „A Change is Gonna Come“ од еден од најголемите музичари на соул музиката, Отис Рединг. Нејзината приватна борба во институциите на моќ се претопува во битката на Хекаба со владетелите кои го срушија нејзиниот дом и семејство и тоа го увидуваат сите на пробата, во што лежи и расплетот на драмата.
Најмоќната поента во изведбата се достигнува кога Надија во сведочењето пред судијата, полека ја обзема ликот во чија улога се обидува да влезе со месеци, и пред судијата таа го рецитира тажниот монолог што во драмата на Еврипид, Хекаба му го кажува на Агамемнон.
„Бев кралица, а сега твоја робинка:
Од среќна мајка – старица сум бездетна,
без роден град, напуштена, најнесреќна“
(…)
„Зар надеж имам дека добро ќе ми е?“
Од толку деца веќе немам; самата
во срамота ко пленичка заминувам:
а чад над градот гледам кај се извива“
На светот нема смртник слободен да е,
ил’ роб на богатство си ил’ на судбина,
ил’ толпа градска или пропис законски
ти бранат ко што мислиш да постапуваш.
Кога завршува, судијата ѝ вели: „Тоа беше убаво“, а таа му одговара „Тоа беше Еврипид. На ниту една проба не успеав да го кажам на овој начин“. Надија се поистоветува со улогата на Хекаба, со што ни соопштува дека борбата на мајката на која ѝ го повредиле детето во 2.500 години останала непроменета, само околностите се измениле. Надија се бори со егзистенцијата, таа мора да работи за да го издржува семејството и затоа своето дете го праќа во установа за која е гарантирано дека ќе му понуди нормални услови за живот. Слично како што Хекаба со куп злато го праќа своето дете во домот на пријател, за да го заштити од војната и да го спаси неговиот живот.
Надија е лута на системот, на оние кои вработиле несоодветен кадар, на оние кои знаеле што се случува во домот, а не пријавиле, на оние кои треба да преземат одговорност (како државниот секретар кој се појавува на сослушување во судницата) – за тоа што за тие да бидат казнети, таа треба да се бори. Сама. И како мајка и како граѓанин кој ги бара своите права и правата на своето дете. Немоќен граѓанин кој се спротивставува на најмоќните институции во државата.
Топосот на дејствието е Женева, 1947 година, но драматизирана е ситуација која може да се случи било каде и било кога. И, која, се случува било каде и било кога. Може да има родител на посебно дете или родител на обично дете кој заедно со него останува обесправен и казнет на најсвиреп начин.
Но, дали има смисла да бара правда откако веќе е сторена траумата и оставени се лузни да потсетуваат на неа? Дали има смисла да се спасува светот во кој децата се жртви на насилство? Дали мајчинската љубов е доволно силна да ја изнуди правдата, како што за тоа пишувал Еврипид? Беа само дел од прашањата кои останаа да одзвонуваат во глава заедно со петминутните овации кои пет пати ги вратија актерите на сцена.
На крајот или можеби некаде кон крајот беше пуштена „Try a Little Tenderness“ од Отис чии стихови ја заробуваат улогата на Надија (и на Хекаба):
„You know she’s waiting
Just anticipating
For things that she’ll never, never, never, never
Possess, yeah yeah
But while she’s there waiting, and without them
Try a little tenderness (That’s all you gotta do)It’s not just sentimental, no, no, no
She has her grief and care, yeah yeah yeah
But the soft words, they are spoke so gentle, yeah
It makes it easier, easier to bear, yeah“
Фотографии и текст: Ангела Бошкоска
Стиховите користени во текстот се од преводот на Даница Чадиковска во издание на Издавачкиот центар ТРИ.