За четвртиот и последен на „Егзит“ се подготвувавме уште од Македонија. Со нас ја понесовме цела хип-хоп еуфорија за прославата на 50 години од појавувањето на овој жанр што на Фестивалот го одбележаа настапите на „Оникс“ и „Ву-Тенг Клан“.
За подобро да се загрееме, но и да фатиме место во публика дојдовме порано на Тврдината, околу 9 часот што за „Егзит“ е рано, ако не и прерано. Искуството од првата вечер на настапот на „Продиџи“ нѐ подучи дека ако еднаш се наместиме понапред нема предавање на местото, па така и вчера ги чекавме „Ву – Тенг“ кои за нас и за хип-хопот дојдоа дури од Бруклин, Њујорк.
Први ги слушавме „Болесна браќа“ од Загреб по кои дојде Беге Фанк. Раперите римуваа на скречот на Фат Фили кој цела вечер беше зад грамофоните. Атмосферата се подигна кога микрофонот го презема Смоки Мардељано заедно со Ајс Нигрутин, а со нив дојдоа и „Прти –Бе –Ге“. Во публика беа дојдени луѓе верни на хип-хоп културата и на рапот пред сѐ. Воопшто не беше чудно кога Смоки и Нигрутин ја рокнаа „Умро је треп“ која продолжи да ја рецитира неколку-илјадната публика. Во таква еуфорија, почна да се ближи времето до настапот на „Оникс“. Тие на „Д-фест“ извадија вистински хип-хоп, па сега со нетрпение чекав повторно да излезат на сцена. Кога велам вистински рап мислам на чист звук со енергија и скреч што звучи подобро од аудио, а поради тоа слушаме рап и му славиме роденден.
„Оникс“ растурија. Повторно ни ја дадоа цела енергија, иако беше пократко од минатиот викенд во Дојран, настапот беше еднакво добар. Тоа требаше да нѐ спреми за „Ву-Тенг Клан“ кои беа главни вечерта, ама сега не сум сигурна чиј настап беше подобар. „Ву-Тенг“ се монтираа со цел бенд и првите неколку песни како да не беа доволно гласни. Не знам дали беше тивко поради што се преполни местото пред стејџот, или поради тоа што немаше диџеј туку инструменти, но можеше да звучи подобро. Сепак иако не дојде ни Метод Мен, тоа не одзеде од настапот и не го намали „хајпот“ што го чувствувавме ние во публика. Мислам дека додека рапуваа они сите од Фестивалот беа собрани пред главната бина. После настапот ни требаше половина час да отидеме до друг стејџ, а се движевме во колони.
Продолживме на „Виса Фужн“, каде продолжи и хип-хопот. Таман по „Ву-Тенг“ ги фативме повторно Смоки и Ајс Нигрутин, а по нив и „Прти Бе-Ге“ кои затворија. За некои беше чудно и непотребно да ги слушаме два пати во една вечер, па и два пати на ист фестивал, ама мене ми беше супер зошто на главен стејџ имаа кратко и ограничено време, а тука беше многу послободно.
Последниот ден на „Егзит“ како да имаше најмногу луѓе, многумина од нив дојдени само за таа вечер на хип-хоп, па затоа прво се мислевме дали да тргнеме кон „Денс арена“. Тогаш се јави она чувство „за последен пат“ и отидовме. Да бидеш на „Егзит“ четири дена бара сериозна кондиција. Не само фестивалски, туку и физички, за пешачење. Кога го читав од дома прес протоколот ми беше чудно што прес акредитацијата овозможува само еден влез во тврдината по 19 часот. Кога дојдов таму ми стана јасно дека штом еднаш се качиш, нема потреба да излезеш пак, а немаш ни сила. Одењето од еден стејџ до друг значи и прошетка од 40 минути со качување по скали. Таков е патот и до „Денс арената“, ама погледот таму го надополнува трудот. Местото навистина е како на видеата, особено кога зад тебе изгрева сонцето и гледаш во розево небо и луѓе кои движат во техно ритам. Утрово таму пловевме со сетот на „Mind Against“ и беше магично. Сега кога се навраќам сакам навистина да се вратам таму, а истовремено растажува што знам дека заврши и утре ќе се разбудам во автобус на пат кон Скопје.
Не сум баш голем љубител на електронска музика, но некако просторот на „Денс арената“ со сите природни и додадени визуелни и звучни ефекти го комплетира „Егзит чувството“. Останатото, стејџовите и нивниот распоред на Петроварадинска тврдина се чини дека лесно може да се креира и на други места, па можеби и кај нас во Македонија. Сите па дури и главната бина беа секојдневни монтажни стејџови. Од друга страна, недостасуваа знаци за што каде се наоѓа. Така, на вториот ден заедно со едни Англичани половина час се обидувавме да го откриеме влезот на транс стејџот кој го гледавме од горе. Кога влеговме имаше многу прашина што на моменти го кочеше вајбот и не само таму туку на сите стејџови. Јасно е дека на летен фестивал сместен во природа ќе има прашина што се крева од шизење особено кога движат толку многу луѓе, но и тоа може некако да се потсуреди.
Како и да е, овие детали не го намалуваат впечатокот што го добив првата вечер на „Продиџи“, драм-ен-бејсот на „Чејс ен Стејтус“, четиридневната програма на реге стејџот и танцувањето на „Денс арена“ до сабајле. „Егзит“ деновиве нѐ претвори во ноќни птици будно верни на музиката од годинешниот „лајнап“, а тоа е и причината поради која дојдовме – да слушаме музика и да шизиме како да нема утре.
Кога дојдовме првиот ден на „Егзит“, кратко откако зачекоривме на Петроварадинска тврдина случајно слушнав како некој од организацијата дава изјава за локална српска телевизија. Рече: „Кој еднаш доаѓа на ‘Егзит’ потоа доаѓа секоја година, барем така е повеќе од 20 години колку што трае оваа приказна“. Тогаш бев свежа и спремна за забавата што претходно ја гледав на Јујтјуб да стане реалност. Сега по четири дена живеење на таа моја реалност би кажала дека ако не секоја година, „Егзит“ треба да се посети барем еднаш во животот особено ако се погодат артистите како што беше во мојот случај годинава, зашто видеа и слики па дури и зборови не можат да го доловат вистинското „Егзит доживување“.
„Егзит“, ти благодариме што нѐ соедини уште еднаш, (веројатно) се гледаме и следната година.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ