Рецензија без авторски права©

Вчера во „Кино Култура“ се оддржа премиерата на претставата „Без авторски права©“ во режија на Милош Андоновски и драматургија на Ева Камчевска. Преку колективно авторство и (не)лични приказни, тие заедно со актерите Ангела Стојановска, Јеткин Сезаир и Јанка Лефкова, ја отвораат темата на изолација преку нивните искуства од првичното напуштање и враќање на државата. Сега, тие седат во лимбо, чекајќи животот да им почне.

Posted by Milosh B. Andonovski on Saturday, 14 December 2019

„Дали треба да се замине или да се врати назад откако ќе се замине веќе еднаш“.

Како би го одговориле ова прашање?

За потребите на претставата, составот направил интервју со 47 испитаници на возраст од 21 година до 42 години, кои одговарале на прашања како „Дали некогаш се почувствувале изолирани во оваа земја и во нивниот живот?“, „Дали некогаш помислиле да ја напуштат земјата?“, „Дали се чувствуваат помалку привилегирани како граѓани на оваа земја во споредба со останатите земји членки на ЕУ“ и да го опишат чувството на изолација. 90% од испитаниците одговориле потврдно на овие прашања.

БЕЗ АВТОРСКИ ПРАВА©

Обработувајќи ја тематиката на оттуѓеноста и живеење во bubble, „Без авторски права©“ e претстава која првично требало да го обработува  филмот „Песјак“ („Dogtooth“) на грчкиот филмски режисер Јоргос Лантимос. По битки со бирократијата, театарската група не успева да ги добие авторските права, па оттаму доаѓа идејата за насловот. Концептот на претставата поради тоа се менува, но темата останува иста; затвореност во средина која ја чувствуваме за своја, но не можеме да процениме колку е штетна по нашиот живот.

 

Posted by Milosh B. Andonovski on Saturday, 14 December 2019

„Work and travel“ во САД и правење кафиња во Германија

Што е тоа кое ги тера младите луѓе да се вратат во држава пред распаѓање, во држава каде што се невработени, во држава каде скоро сите врсници страдаат од депресија и депресивни епизоди? Публиката ја надвладуваат измешани емоции додека тие раскажуваат како се вратиле во Македонија и се самозапрашуваат какви би биле нивните животи доколку ги продолжеле нивните животи во странство.

Направи еспресо, стави топло млеко, пробај да направиш фигура – неуспешно!“ повторува Лефкова, додека раскажува за курсот во Германија, каде што отишла на привремена работа поради невработеноста со која се соочува тука. Состојбата на очај и затворање во магичниот круг на бесмисленоста на секојдневието, се чини, дека ги живеат сите во Македонија. Тоа е најголемата суштина на интерактивноста на претставата; блискоста на раскажаните лични приказни ја допира публиката која живее во слични услови. Со тоа се гледа поголемата слика на општото незадоволство и чувството на изолираност од светот. Како во филмот „Песјак“, главните улоги можат да го осознаат светот само преку раскажувањето на другите. Приказните во „Без авторски права©“ може да се сметаат како приказна што би ја раскажала најмалата ќерка доколку се врати назад во стакленото ѕвоно по бегството.

https://www.facebook.com/pLAVo/videos/10156786768906918/

Лимбо како национален идентитет 

Јеткин Сезаир ја раскажа приказната за селењето во Турција, земја која според воспитувањето ја чуствува како татковина. По престигнувањето во Турција, тој сфаќа дека за тамошните секогаш ќе биде „Македонецот“, додека во Македонија е перцепиран како „Турчинот“. Тој се враќа назад, во земјата кадешто израснал, каде неговата најофицијална определба е „невработен актер“.

Кога судбоносното прашање ќе остане неодговорено

Не, тука не мислам на прашањето дали Македонија некогаш ќе влезе во ЕУ, туку мислам на судбоносното прашање кое можеби и го поставиле на дипломираната студентка по актерска игра, Ангела Стојановска, која добила понуда за брак од нејзиното американско момче пред да се врати во Македонија. Иако прашањето технички останало неодговорено, таа сѐ уште живее во Македонија. Зошто?

Погледнете ја „Без авторски права©“ и можеби Ангела ќе го одговори тоа прашање преку друга приказна. Сигурна сум дека секој што сѐ уште живее во Македонија има да каже приказна вредна за слушање. Во време кога секој млад човек ја живее надежта која полека умира, емпатијата е првиот чекор кон заедништво и промена.

Ивана Смилевска