Пишува: проф. д-р Мимоза Рајл
На 11 мај во преполнетиот Салон 19 19 на Културниот информативен центар во Скопје, се случи еден прекрасен настан. Се случи премиерата на театарската претстава “Пациенти” на Театарот Провокација, во режија на Горѓи Ризески. Театар на кој што маестрално играат нашите најпознати актери под ова македонско-уметничко небо- Роберт и Мирјана Ристов. Овој театар е доказ дека талентот го трасира својот пат и бара да се искаже неприкосновено на даските што живот значат. Тој е исткаен од конците на љубовта кон Бога како благодарност за талентот на овие исклучителни актерски имиња. Актери кои не престануваат да не воодушевуваат и изнанадуваат со нови и естетичко совршени – драмски игри. И не не чуди фактот дека нивната популарност е се по присутна во регионот и тие трескавично со својот талент како свое најмоќно оружје и страствената љубов кон тетарот како свој втор дом, полека но сигурно ќе ја освојуваат европската и светската сцена.
Во претставата “Пациенти” Роберт Ристов има главна улога, улога на уметник и алхохоличар, а таму тој уште еднаш докажа дека неговиот талент нема граници. Неговата сопруга во претставата и во животот Мирјана Ристов ја изнесе претставата на својот страствен, оригинален и маестрален начин и даде една посебна естетичка боја. Улогата на докторот – ни покажа дека надеж во младите кои допрва доаѓаат во уметноста, сепак има.
Прекрасната фабула која на лице место ни го отслика брачниот живот на секјдневието, полно со тајни и заблуди, полно со нереални приказни, не натера сите да признаеме како и на кој начин живееме. Колку нашиот живот станал досаден и грозен. Живот кој одамна останал празен, во темната провалија неисполнета со една љубовно- божествена песна. Натежнати од товарот на ова илузија ние како да не можеме понатаму. Како секој за себе да ја крие омразата и непријателството кон најблискиот и како секој од нас да остана да живее во бракот што се случува помеѓу двајца непријатели, а кои секој миг можат да се истребат до смрт. Како моралниот пад и падот на вредностите и не можноста да ја кажеме вистината за себе, да не доведоа во ситуација на целосна хипноза, целосна успиеност, целосно себе обманување и се чини дека докторот во претставата е само имагинарен лик кој лебди помеѓу реалното и сонот, а дека целата драма се случува помеѓу оваа толку препознатлива во секого од нас брачна двојка.
Оваа е претстава ни покажа и докажа дека први сме да го осудиме другиот без да го видиме со очите на нашата душа. Како времето на љубовта одамна да е изминато. Копаме по минатото на другиот и неговите тајни, ја бараме страствено туѓата несовршеност, но дали сме ние безгрешни и дали можеме да се пофалиме со искреноста? Оваа претстава точно тоа го направи, ги постави овие фундаментални прашања низ хуморот и комедијата, жанровски лесно и естетиќки совршено се префрла во најдлабока трагедија на секојдневието кое денес го живееме. Покажа со прст кон нас и нашата душа, Шекспировски-трагично ни шепна дека омразата, одмаздата нема да не однесат до ветената земја на убавината, хармонијата и спокојот. Онаа убавина која не спасува од самите себе си.
“Пациенти” успешно не натера да сфатиме дека од сонишата некои далечни сме направени, но и дека сме хипнотизирани, дека сите сме пациенти на едни исти заблуди. Први сме оние кои бескрајно ги љубиме да ги осудиме, исплукаме, да го дигнеме каменот и да ги линчуваме, но што е со нас и нашите најдлабоки гревови и грешки, со нашите застрашувачи и засрамувачки тајни? Постојано низ претставата лебди прашањето зошто кон ближниот свој немаме исто такво разбирање како што тоа го имаме за себе? Или зошто еднаш не погледнеме во душата на другиот со очите на безусловната љубов? И зошто, о проклето зошто, не можеме единствено да бидеме храбри во искреноста и да побареме од другиот да бидеме љубени точно онакви какви што сме? Затоа што само такви сме совршени, совршени во божјата креација.
Имаше право Шекспир кога кажа дека овој живот е една театарска претстава а секој човек, секој маж и секоја жена играат некоја улога. Но уметноста е сцена да се потсетиме на вистината – дека на земјата дојдовме да ја најдеме љубовта, да се прегрнеме со душите во убавината и смислата на постоењето и дека само таа вистина ќе не спаси.
Да уметноста е огледало на животот, да видиме совршено точно какви сме и тоа веќе денес да го промениме. Во таа смисла претставата “Пациенти” математички точно и прецизно не отслика нас, не освести каде и зошто грешиме. На крајот ни порача дека денес треба за се да си простиме и се да заборавиме, да излеземе од хипнозата, илузијата и не знаењето и во овој миг, веднаш и тука да ги славиме новите почетоци и да побараме за себе и другиот една поубава иднина.
Сите овие прашања и духовни превирања кои што ги поставуваме страствено за време на претставата, не ќе беа можни и без Радо Алексовки во улога на докторот, сценографијата на Роберт Ристов, ликовните сценски решенија на Игор Љубовчанец Љубац и изработката на плакат, рекламниот материјал на Методи Ангелов и музичките фрагменти на најпознатите македонски евергрини.