[Рецензија] Радио МОФ @ MOT – Дневникот на лудакот

Вчеравечер, на малата сцена во Македонскиот Народен Театар се одигра „Дневникот на лудакот“ во продукција на битолскиот Moving Music Theater. Базирана на истоимениот краток расказ од рускиот литературен мајстор Гогољ кој е воедно и првиот детален запис за шизофренијата, претставата е креативно изведена симулација на она што се случува во умот на еден државен чиновник од понизок ранг.

Во главната (и единствена) улога во оваа инвентивна моноопера базирана на класичен текст, се појавува Озрен Грабариќ. Соочен со своите креативни потенцијали и публиката, Грабариќ успева да го отелотвори гогољовиот чиновник искрено и реалистично, притоа заслужувајќи го епитетот човек-сцена. Во неговото истражување на човечката потсвест, го придружува композиторот и режисер Марјан Неќак со луцидно одбран дизајн на звукот, кој придонесува за впечатливоста на гласовите во умот на чиновникот. „Дневникот на лудакот“ зборува за секојдневниот живот на чиновник отфрлен од општеството, ништожен и непожелен, но истовремено поставува и важни животни прашања кои изгледаат како нерешлива загатка за слабиот и истоштен ум на главниот лик.

Лабораторискиот пристап кон уметноста им овозможил на тимот на ММТ да развијат иновативни изведувачки практики. Така актерот се претопува во оперски пејач со одличен глас и неверојатен распон (се од длабоки тонови до мелодични врисоци, колку и да е тешко да се замисли ова), малата масичка на сцената во себе ја содржи целата потребна сценографија, телевизорчето е и соговорник на чиновникот, но и водител на паралелните дејствија во приказната.

Она што на моменти ја прави претставата тешка за следење е потребата за фокусирање на 3-4 одделни точки во секое време: самиот актер, телевизорчето, композиторот како засебен изведувач, видеобимот со преводот. Иако ова ја продлабочува сликата за тоа што се случува во еден шизофреничен ум, остава чувство на „недогледаност“ кај присутните кои не успеале да ги проследат сите паралелни случувања на сцената.

Хибридноста на самата претстава е извонреден пример за современиот театар во Македонија, како и поттик за многу, суштински различни развојни линии на театарската уметност.

Јована Ѓорѓиовска