Средовечна жена, без никаква експресија на лицето и со уморни очи, учи како да репетира пиштол на својата трпезариска маса. Во собата влегува старица, сосема незаинтересирано вади храна од фрижидерот и се повлекува во својата соба. Не си кажуваат ништо. Вака започнува „Реквием за госпоѓа Ј.“. новиот филм на српскиот режисер Бојан Вулетиќ, за кого со сигурност можам да потврдам дека е вистинско освежување за балканската кинематографија.
Токму со премиерата на „Реквием за госпоѓа Ј.“ беше отворено овогодинешното издание на Скопскиот Филмски Фестивал. Филмот е работен во копродукција на Србија, Македонија и Бугарија, па затоа и ја заслужи честа да го отвори фестивалот.
Приказната која е ситуирана во Белград во 2016, во текот на пет дена кои треба да бидат последните во животот на индиферентната, депримирана хероина, ни го покажува животот на едно српско семејство, кое ги залекува раните од транзицијата, невработеноста и личната трагедија.
Јелена, чиј сопруг починал пред речиси една година, не сака повеќе да живее. Добила отказ, технолошки вишок е, ќерките ѝ се потемпераментни (и за среќа, понезависни) одошто сака, а таа и нејзината свекрва живеат во некаква состојба меѓу животот во кој чувствувале, и исчекувањето на смртта. Сака само да си ги исчисти сметките, да запали една цигара и да се напие пиво, па на денот на годишнината од смртта на маж ѝ, да му се придружи во вечноста.
Премисата можеби ви звучи како типичен филм за балканското поднебје – депресивен главен лик, сиромаштија, транзиција, пцовки и локален хумор. Но, ве уверувам дека не е така. Прекрасно напишаното сценарио искрено ќе ве насмее, а истовремено ќе ви ги покаже и најгорливите проблеми со кои се соочува средната класа во земјите од поранешна Југославија. Барем ако сакате бизарен хумор.
Да се бавиш со тематика како депресија или самоубиство, со општество во кое сè уште е стигма дури и да се оди на психолог и каде депресијата е чиниш заразна, но никој не презема ништо по тоа прашање, е сериозен предизвик за еден млад режисер. Сепак, на Вулетиќ му успеало да ја долови апсурдноста на живеењето, на рутината, на обврските, на емоциите кога човек ги нема и кога му е сосема сеедно. А, тоа го направил на начин на кој те тера повторно да го славиш животот и да ги забележуваш ситните одблесоци на убавина и ставајќи акцент на луцидните моменти кои ти покажуваат дека можеби сепак, има смисол да се живее дури и кога сè ти се руши над глава.
Покажувајќи две магнетни спротивности, тежа и противтежа – Јелена и нејзините деца, Вулетиќ ни прикажува сплет од различни карактери и механизми на справување со болката. Додека госпоѓата Ј. не живее, туку само на „автопилот“ ги минува деновите, нејзините ќерки жестоко се борат против сиромаштијата и летаргичноста на својата мајка, гласно и без страв навредувајќи ја и карајќи ја за нејзината незаинтересираност. И иако можеш да ги сфатиш, бидејќи нивната мајка нималку не се грижи за нив, лесно се ставаш во кожата на човек со депресија. Таа се грижи за нив и ги сака, но не може да им помогне во ништо. Едноставно, нема сила ни волја.
И сета оваа тешка тематика, не е така тешка кога ќе се вметне доволно црн хумор. Токму овде е и освежувањето кое го спомнав претходно – место експлицитна, физичка или излитена и здодевна балканска комедија, „Реквием за госпоѓа Ј.“ нуди имплицитен, интелигентен, апсурден хумор во кој вистински уживав. Мислам дека само во балкански филм, ликот не може да се самоубие „на раат“ бидејќи му е истечена здравствената книшка.
Ми се чини дека пишувајќи раскажав премногу од овој филм, но да се оправдам – не е важна главната приказна. Важните се малите моменти, кадрите, шегите и лепезата на типични, но на свој начин автентични ликови. Важна е, секако, и глумата на маестралната Мирјана Карановиќ, која со толку малку зборови успеа да одглуми на начин кој заслужува аплауз со минути. А, и публиката и го покажа тоа синоќа, со стоечка овација.
„Реквием за госпоѓа Ј.“ е можеби филм за смртта. А, можеби е и филм за животот. Мојот, твојот, вашиот, нејзиниот. Сечиј живот, кој можеби понекогаш ни се чини дека е бесцелно да продолжи, но продолжува. И некако, некогаш, знае да биде прекрасен. „Реквием за госпоѓа Ј.“ е филм за животот во кој треба да се пее и слави. „Реквием за госпоѓа Ј.“ е и филм за крај, но и почеток за Вулетиќ како режисер, кој штотуку ќе има што да покаже.
Стефанија Тенекеџиева