Во „Сина тишина“, првиот филм на Булент Озтурк, ја следиме приказната на Хакан, поранешен припадник на турската војска кој, по 3 години поминати во болница, се обидува повторно да си го состави животот, да се поврзе со своето семејство и да се соочи со своите трауми. Во тоа му помага Ајла (Рода Џавиоглу), медицинската сестра со која се зближува додека е на лекување во болницата. Животот на Хакан е отежнат од пост-трауматскиот стрес, од кој престојот во болницата го нема целосно излечена, но и нападите на совеста за делата кои ги има извршено.
Во првите минути, ви станува јасно дека „Сина тишина“ не се обидува да биде од тие филмови кои ги полнат кино салите. Одмерен, методичен и стрплив, Озтурк ја гради својата приказна скоро како да чита инструкции од некој анти-холивудски прирачник. Публиката е фрлена да плива во длабокото, со минимална експозиција, алегорични сцени од сништата на Хакан, дијалог кој многу повеќе инсинура отколку што кажува, и монолитни кадри кои траат доволно долго за да ви стане незгодно. Или, да изгубите внимание. Како за пример, разговорот меѓу Хакан и неговата отуѓена ќерка во една слаткарница, има вкупно 5 реченици, а трае отприлика 5 минути – надминувајќи ги границите на типичната драматична пауза скоро до степен на баналност. Тоа што на почеток служи за да ја воспостави тежината на делото брзо прераснува во товар врз гледачот. Простор за дишење даваат само повремените, пократки сцени на пејзажи и природа, кои го презентираат одличното око за композиција на кинематографот Емре Танјилгиз.
Толку е тешка раката на режисерот, толку е бавно и рамномерно темпото на секвенците и на резовите, што се чини дека истата приказна би можела да се раскаже во третина од тие 90 минути, колку што трае филмот. Теоман Кумбараџибаши, кој го игра Хакан, е, за подобро или полошо, ограничен во улогата на оштетениот војник, кој говори кратко и отсечно, без афект, без емоции. Истото важи и за другите ликови, кои никогаш не излегуваат надвор од тесните граници кои им се зацртани. Ги играат, ни повеќе, ни помалку, улогите кои им се доделени.
На одреден начин, тоа што се случува на платното е повеќе возило или презентација за филмскиот јазик на Озтурк, кој е и режисер и сценарист на филмот, отколкуза главниот лик во филмот. Позитивно е тоа што тој има толку силна визија и оформен стил за своето првенче, нешто што е ретко за дебитантски филмови, но се чини дека повеќе ќе постигнел доколку само малку ги подопуштел „уздите“ на продукцијата. Некогаш, сепак, гледливоста треба да го има приматот над потребата за самоизразување. Во меѓувреме, верувам и се надевам дека Озтурк ќе го докаже својот потенцијал во некое наредно, позаокружено дело.
Атанас Димитров
Како дел од овогодинешното издание на фестивалот на Европскиот филм Синедејс, Радио МОФ ја објавува третата од серијата на рецензии за филмовите кои играат на него. Фестивалот се одржува во Скопје, од 9ти до 19ти ноември. Повеќе информации за Синедејс можете да најдете на :http://cinedays.mk/mk