[Рецензија] „Техеран Табу“ фрла критичен поглед врз животот во Иран

Филмските трејлери се проблематична работа. Не можете без нив – во времето кога сите сме научени да си го цениме времето,  просечниот гледач мора да знае однапред во што се впушта и што да очекува од филмот. Не можете ни со нив – во желбата да го продадат филмот, продукциските куќи и самите автори во трејлерот вградуваат содржини кои понекогаш го разводнуваат впечатокот и влијаат на нашата перцепција уште пред да влеземе во кино салата. Многу ми е драго што можам да кажам дека со исклучок на тоа што ја прочитав кратката најава и го видов постерот за „Техеран Табу“ , не знаев ништо друго за тоа што ме очекува додека го гледав. Вредеше.

„Техеран Табу“, во режија на Али Соозандех кој ги истражува скриените страсти на жителите на Техеран – секс и сексуална слобода, дроги и забави, но и потребата за уметност,  родова рамноправност и економска независност. Овие различни аспекти на табуата на Техеран се прикажани преку животите на три групи на ликови, чии животни приказни почнуваат да се испреплетуваат.

Пари е млада жена кога е приморана да работи како проститутка за да може да се грижи за својот син, бидејќи нејзиниот маж е во затвор. Одлично играна од страна на Елмира Рафизадех, Пари е можеби најсилниот женски лик во филмот – смела, директна, и пркосна, не дозволувајќи судбината да и го покори духот.

Нејзината нова сосетка Сара е заглавена меѓу настојувањата на нејзиниот сопруг да биде домаќинка и да го чува детето кое го очекуваат, наспроти својата желба да се вработи и да биде понезависна. Тука не помагаат и родителите на нејзиниот сопруг, кои живеат заедно со нив.

Третата приказна е таа на Бабак, студент по музика, кој поминува една вечер со Донја,  за потоа таа да го обвини дека и ја „украл“ невиноста на неполна недела пред свадбата. Донја бара Бабак да организира операција за враќање на нејзината невиност и да плати за неа, што го фрла во хаос неговиот живот.

Соозандех создава одлично темпо преку приказните кои ги следи, паралелно со кратки секвенци кои нудат дополнително разбирање на пејзажот во кој тие се развиваат – кратки мигови од секојдневниот живот во Техеран, реклами, но и ситуации каде се конфискуваат сателитски антени поради тоа што се „средство на западната пропаганда“, апсења од страна на таканаречената „Морална Полиција“, јавни егзекуции… Сепак, цело време имате чувство дека и со овие сцени, авторот се потсмева наместо само да се жали на нив, па на моменти Техеран Табу гравитира од драма кон црна комедија. Успехот на филмот е во тоа што и покрај големиот број на ликови во него, за секој од нив открива доволно за да ја заведе публиката да навива за нив и да сочувствува со нив. Секој од ликовите носи доволно багаж со себе за да изгледа на вистинска личност, на некој кој имал и ќе има свој живот и откако ќе заврши проекцијата, а публиката ќе си отиде дома.

Ротоскопската анимација, вкусно изведена, ги бои сите овие приказни во мат и во пастелни бои, создавајќи благо чувство на нереалност и одалеченост, но без да одзема од тежината на тоа што се случува пред камерата.

Додека ја пишувам рецензијава, се обидувам да ги тргнам настрана уникатната иранска култура, моралните норми, кои во многу нешта се разликуваат од нашите (а по некои, се непобивливо слични), одличната анимација, тоа благо чувство на ориентална мистика кое се провлекува низ Техеран Табу – се ослободувам од нив за да можам да кажам дека дури и соголен на својата срж, филмот е одлично конципиран и изведен.  Субверзивната порака на Техеран Табу, повеќе од сексот, дрогите и еманципацијата, е во тивката човечност на секој од ликовите. Со неа, Соозандех се приклучува на бранот на автори – емигранти, но и жители на Иран, кои најавуваат промени во тоа како оваа земја се развива – културно, политички и општествено.

Атанас Димитров

Како дел од овогодинешното издание на фестивалот на Европскиот филм Синедејс, Радио МОФ ја објавува четвртата од серијата на рецензии за филмовите кои играат на него. Фестивалот се одржува во Скопје, од 9ти до 19ти ноември. Повеќе информации за Синедејс можете да најдете на : http://cinedays.mk/mk