[Рецензија] „Врба“: Не можеш да го прелажеш животот

Колку од нас би се откажале од нешто што го имаме, за да добиеме нешто што очајно го посакуваме? Колку од нас би прифатиле непристојна понуда за остварување на животниот сон? Колку болат последиците од овие одлуки?

Овие прашања ги поставува повеќеслојната приказна „Врба“ на Милчо Манчевски, раскажана во три сегменти.

Манчевски совршено го плете првиот слој преку женскиот триптих кои ги поврзува љубовта, страста и стравот на мајката за детето. Од памтивек до денес. Но, тој, низ филмот, остава и доволно траги за вториот слој – приказната за луѓето. За нивните амбиции, претставени преку желбата за потомство на главните ликови и начинот на кој овие амбиции се судираат со чувствата на чесност и невиност, претставена низ децата. Родени и неродени.

Од првата „фаустовска“ дилема, каде протагонистите се обидуваат да го прелажат „пактот со ѓаволот“, до преостанатите две приказни, во кои главните ликови влегуваат во тешки морални дилеми за да ја преземат контролата врз својата животна приказна, „Врба“ испушта крик за општеството во кое живееме. Општество во кое како највисока вредност ги поставуваме токму оние работи кои ни недостасуваат, и до кои најчесто се обидуваме да стигаме преку лукративни процепи, обидувајќи се да го изиграме општествениот ред.

Токму овде функционира симболиката со насловот на филмот. Дрвото кое се витка, но не се крши. Традицијата е идентитет, а ние луѓето, и после многу векови уште си ја полеваме врбата во нашиот двор. Се виткаме за да се прилагодиме, убедени дека само така преземаме контрола врз сопствениот живот.

Расплетите на Донка и Родна покажуваат дека обидите да се прелаже животот имаат цена. Катерина, пак, откако на својот посвоен син му кажува дека го избрала затоа што „бил најубав од сите деца“, во момент на помирување со реалноста, е единствената која го препушта  воланот со кој го управува сопствениот живот, па така го прекинува трагичниот круг.

Неслучајно прекарот на нејзиниот син е „Малиот Буда“. Силна асоцијација на филозофијата на карма, етичкиот принцип во кој доброто се враќа со добро, а злото со зло. Принцип во кој одлуките што ги носиме денес го следат нашиот карактер во иднината. Принцип кој предвидува „повторно раѓање“ и чиј симбол е бесконечен јазол. „Врба“ како да сака да каже дека патот на чесноста е начинот на кој луѓето можат да го пресечат јазолот на општествена декаденција кој постојано го репродуцираме.

А Манчевски не се плаши да го покаже овој јазол. Понижувањето на работниците, раскалашеноста на моќниците и богатите, катастрофалното здравство, неправдата, малограѓанската култура, предрасудите… Микро-космосот во кој живееме го доловува уште еднаш низ неговите препознатливи интермеца расфрлани меѓу главната приказна.

Сите ние можеме да ги препознаеме суровите ликови кои постојано доцнат на важен лет, сеирџиите од комшилукот, и луѓето кои своите фрустрации ги лечат со купување сладолед од бадем. Но, не секој од нас се соочува со нив, дури и по ризик за сопствената егзистенција. Тоа го прави Родна кога во неа пламнува жарот на чесноста, додека доживува голгота во обидот да забремени.

Феминистичкиот глас во „Врба“ постојано се судира со патријархалноста и традиционализмот. Но, филмот покажува и еден глас уште поголем од овој контраст. Крикот на човекот, беспомошно изгубен во системот кој го ограничува на секој чекор – од црвено-белите конци околу женските стомаци во средновековието, па сè до пропагандните постери за идеалното семејство, во кое покрај насмеаните мајка и татко, идеално би било да има и три дечиња. „Врба“ за нашиот системски колапс има прилично темно предвидување. Сите нас нè очекува пропаст доколку не почнеме да се менуваме… еден по еден… Манчевски создал филм кој покрај универзалната, испраќа и интимно македонска порака.

Актерите од „Врба“ лесно ќе ве натераат да се поврзете со нивната приказна. Доминира прекрасната улога на Теодосиева, на која ќе се сеќавате уште многу долго по одјавната шпица. Техничките аспекти на „Врба“ се очекувано на врвно ниво. Камерата која иритантно вибрира на почетокот, потоа целосно се вклопува во атмосферата на филмот. Музиката природно извира од секоја сцена, а сценариото, во кое се испреплетени и елементи на холивудски хорор и елементи на екс-ју драма, ве држи напнато од првата до последната минута од филмот кој молскавично се развива пред вашите очи.

„Врба“ нема да го надмине „Пред Дождот“ како најдобар филм на Манчевски, но филмот нема да остави никого рамнодушен. Се чини дека македонскиот филмски мајстор сакал гледачите да почувствуваат физичка болка кога го гледаат неговото ново дело.

И навистина, некому по лицето ќе му се стркала солза, некој ќе ги покрива очите во страв, а некој ќе се чувствува како да го прегазил автомобил. Но, најпосле, по крајот на филмот, има некое ослободувачко чувство во сознанието дека не можеш да го прелажеш животот…

Даниел Евросимоски