Aктерот Ѓуричко (кој сите го изговараме Џуричко) во 2024 има амбициозна и напорна турнеја, турнеја како на рок ѕвезда. Имав можност да ги проследам двата негови стендап настапи во Скопје (6.3.2023) и во Куманово (15.10.2024).
Како што кажува и самиот наслов на настапот очекував дека ќе имам искуство со комедија, шоу и нешто што е добар бизнис. Што всушност очекував?
Имам комплексен однос со овој жанр кој нема ни соодветен термин во мојот јазик (стендап). Па на она што луѓето највеќе се смеат, јас обично не се смеам …. идентични зафркации и потсмевање со политички фигури, едно те исто, само политичарот е различен, зафрканции со дијалекти, референци на секс – кој на кого како му го… и слично. Не баш интелигентно за мој вкус. Она што го очекувам од една соло изведба е да има капацитет да маѓепса, да нé вози на многу поефективен начин, бидејќи вниманието кога настапува еден човек е речиси медитативно. Медитативноста во комбинација со интензивно размислување создава херои на сцена кои би можеле да дадат повеќе моќ на општествените случувања, личните и колективните искуства, моќ што во моментот додека гледаме можеби и не ја разбираме.
Во стендапот најважниот ресурс не се парите, туку образованоста, информираноста, умот, талентот за пишување и говорот кој заедно со телото ја врши целата работа. Токму оваа независност од маките дали имаш доволно средства, соодветна екипа со која работиш, и ресурси од секаков тип раѓа нова внатрешна сила која гледаме како ја трансформира работата на стендап комичарите. Во фокусот е идејата за добар хумор, смеа и чувството на рамнотежа што популарноста на модерната стендап културата ги создаде во Индија во 1980те. Има многу поджанрови и влече корени од Америка и Франција со трубадурите (minstrel) и изведувачите на водвиљ (vaudeville).
Додека го слушаме комичарот што кажува на сцената треба да ни е јасно дека повеќето од нив не се таму само заради празно смеење и да нé олабават од досадните рутини или животи во кои сме заглавени. Тие се тука со цел – да бидат медиум за промена сфатена во најширока смисла. И ова е прилично забележливо доколку нивните силни коментари и уште посилни ставови се умешно пренесени на начин толку забавен што нивната изведба се претвора во брилијантна сатира. Ако се врвни, тие треба да се добро образовани актери, кои презеле веќе огромен ризик со и во своите глумачки кариери, бестрашни се во разговорот и најважно е што имаат дефиниран физички простор кој е компактен и влијателен во исто време. Оние со вистинскиот талент, не се несигурни во вистинската количина на изложеност, се чини дека работат за нешто многу чисто и искрено додека се целосно во допир со сеприсутната сурова реалност. Додека се смееме ние се наоѓаме во ситуација дека некој изложен сам на сцена ги зборува работите што отсекогаш сме сакале да ги кажеме, ама тоа го прави на многу повешт и попривлечен начин. Сакам да се смеам посилно додека друг ја презема одговорноста за реалноста – во тоа е трикот.
Е сето ова, Ѓуричко го прави. Без проблем. Како што кажав, обично публиката се смее за едни те исти работи, ама со Ѓуричко сте во друга зона, се исклучувате, се возите како да нема никој околу вас и се осеќате дека водите интензивен разговор со истомисленик, а конверзацијата е реално еднострана. Покрај многуборјните награди, во 2011, Ѓуричко ја доби наградата „Зоран Радмиловиќ“ за глумачка бравура. Зошто ја истакнувам баш оваа награда? Бидејќи жирито оценило дека има одлична способност да игра пет ликови во претставата „Метаморфози“, менувајќи го стилот на игра – од психолошки реализам до театралност но секогаш сконцентриран, со промисленост во движењата и веселост во играта. Е токму таа комбинација на промисленост, контрола и игривост плени и во стендапот Шоубиз.
А што е со трансферот во стендап комедијант?
Додека на бина свири Суперстар од неговата последна авантура со бендот Џони Миднајт Трио, како да ја сатиризира и егоманијата на својата славна личност, а истовремено глуми некоја суштинска духовна димензија на себе во стендапите. Ѓуричко не е ниту некој што остава впечаток дека ќе се буни ако го критикуваат. Дури и ако има негативна реакција, тоа ќе го направи суптилно и низ широка насмевка.
Приказните на кои се смееме во Шоубиз се како гори Југословнско драмско позориште, а тој е со грижа на совест дека другите помислуваат дека можеби го запалил несакајќи, со кумановска драва. Додека слушав си мислев дека можеше да го додаде дијалогот меѓу Татић и Цвејић кога разбрале дека гори југословенскиот народен театар – „Је ли… да те питам нешто… Да ли је у бифеу страдала она књига дуговања? – со насмевска на лице Татић го прашал Цвејић. Се смеевме кога раскажуваше како сите на театарот гледаат као на куќа на блудот, а пуст Никола прашува кај е блудот бидејќи тој ,,само шљака“ – демек нонстоп работи. Потоа тука е приказната за Влахо кој е стар колку и Биг Бенг и универзумот заедно и колку може да затупиш, огуглаш после извесно време, ако си заглавен во една рутина или веќе си видел сè. Па приказата за баба му која сакала да се самоубие, и тоа во Скопје, оти не ѝ давале да студира глума, а во Вардар немало баш вода.
Не е ни важно дали имало или немало вода, важно е дека се смееш на цела тажна прича. Најмногу смеење паѓа за искинатите панталони, распуканиот шлиц на сцена, и метафорите за големината на интимните делови–како што кажав погоре на ова најмалку се смеам–ама народот е гладен за вакви зезанции, па им ги нуди. Тука се и критиките за папараците и заматениот лик на ќерка му споредена со заматената интима меѓу нозете на некоја певаљка. Иста техника и исти објекти за заматување, па што да не :).
Пресмешни се и најголемите кошмари на глумецот да не испушти претстава или заборави текст, како и товарот на еден млад човек кој е стипендист! Многу фраерски и колегијално прави трибјут на глумчишта како Глоговац и немањето кеш да си платат за јагне на скарапа срамот да зајмиш ситни 100 динари од колеги додека си анагажиран во два-три филма. Е сега филмовите се прикажуваат во Сопот, и тоа ти е као Оскар, Кан .. па Сопот. И кој е тој да го чекаат едни глумчишта како Драган Николиќ и Милена Дравиќ на сред претстава и Богдан Диклиќ да му го шепка заборавениот текст?
Почнува со некои актуелни трачеви во Србија, на пример афери за колеги од таблоиди. Личната драма на Калиниќ? Па следи опоменување на публиката кога им ѕвони мобилен како и опомена за сликање и снимање на шоуто. Недозволено е и не се зезајте-(види насловен фотос), оти ќе ве изрезили пред сите, особено за грозниот рингтон што го имате. За да го напишам текстов чекав да приврши со турнејата за да не правам спојлери и еве да не откривам сè.
Не сум ги следела сите стендап комедијанти во регионов, но огромната приспособливост на Ѓуричко е, веројатно, неспоредлива со некој друг стенап комедијант кого сум гледала од овие простори. Преминува без напор помеѓу незадоволниот негативец и мрчаџија во ведар виленик. Па има моменти како да се преправа дека го остава светот на славата на филмските ѕвезди зад себе, но тој сето тоа го прави заради шоу.
Прави и гротескна авто-пародија, не баш омилена на оние, импресионистите. Има моменти кога како да отфрла стеги, ама искрен е да призне кога греши и има грижа на совест во неговата професионална работа и неспорно е колку забавно го прави сето тоа заради неограничениот талент. А и храбар е што не заглавува во еден жанр, туку флертува со сите жанри: театар, филм, серии, пишување, музички бендови и тоа не е површен флерт, туку некако позитивно опсесивен и посветен флерт. Ѓуричко дефинитивно лае и заведува во исто време, т.е. е бестрашен да зборува директно и за непријатни теми но, е и ранлив и самокритичен.
Ах таа негова опсесија со сопствениот нос! Небаре е некој римски император или Адријан Броди! Знае дека некогаш е заебан, во безвезна ситуација, ама храбро ја претставува својата губитничка страна. А покажува респект кон сите, освен кон полицијата што постојано бара лични карти у најнемогучи ситуации :) И не пропушта да каже од која традиција доаѓа, не пропшта да каже за баба му и брат му кои се во истите глумачки води.
Шлагворт (Schlagwort) – Мајстор на својот занает! *Патем оваа фраза прво сум ја научила на српски, па на македонски – Мајстор свога заната!
Ѓуричко-Џуричко, алиас Џони, очекуваме и некоја похардкор улога како оние на Робин Вилијамс, па целата твоја внатрешност да експлодира на дрвената штица. Ти избери го материјалот.
Али запамти, кој си па ти Џони да те чека една Милена Дравиќ?!
Мира Беќар, професорка по Применета лингвистика, поддржувачка на урбаната култура
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.