[Рецензија] Женски вокали, „silent disco“ и реге на третата вечер од „Егзит“

Третиот и претпоследен во „Егзит универзумот“ беше обземен од женска еуфорија што вчера започна да се шири од главната бина. Таму прва настапи Кејт, по неа продолжи Сајси МС, по што на сцената дојде Мими Мерцедес.

Ја слушнавме и Сенида која одржа свој концерт во фестивалско време од два часа. Сенида звучеше добро, можеби и подобро од аудио снимка, или барем од бројните ковери и копии кои неизбежно ги слушаме насекаде.

По српските изведувачки, на главниот стејџ со својата опрема се намести дуото Софи Такер со што се отвори вториот дел од програмата на електроник –  техно музика.

Разминувајќи се во големи гужви со луѓе што на момент дава ефект на вистинска чаршија со разни можности за музика, храна и пиење, успеавме да стигнеме на другиот крај на Петроварадинска тврдина каде ги слушавме „Дел арно бенд“ од Белград на кои им се приклучи Хорсман Којот. Овие растафаријанци успеаја да донесат сонце во 12 часот навечер, да задржат родители со деца и да креираат аура на љубов. „Венти Вадада“ е можеби единствениот стејџ меѓу 40-те на „Егзит“ каде постојано има луѓе што играат и се одмораат на тревата, а има и такви кои цела ноќ ја поминуваат таму уживајќи во непрекинатиот реге звук.

Блиску до реге-стејџот е „Виза Фужн“ каде вчера настапуваа „Порто Морто“. Хрватскиот инди-поп-рок бенд имавме можност да го слушнеме кај нас на фестивалот „Здраво млади 12“ што нѐ убеди да ги гледаме повторно. Како и претходно, и сега уживавме во нивната интересна костимографија и настап. На почетокот имаа некаков проблем со озвучувањето, но тоа беше занемарливо во однос на уникатната фузија на звуци од труба, саксофон и вокали кои ја менуваат бојата на гласот соодветно за секоја песна.

Од целото „Егзит искуство“ во овие три дена ќе го издвојам и моментот со „Silent disco“ што вчера го искусив. На пат од еден до друг стејџ, а спроти AM Радио стејџот во една од споредните улички или „сокаче“ на Тврдината има голема дупка до која се стигнува преку монтирани скали. Штом слегуваш долу ти даваат слушалки и влегуваш во уште еден свет на „Егзит“ кој е поинаков од оние на другите стејџови, тука секој е во својот свет што има различна боја и звук кои самиот може да ги контролира. Луѓето таму танцуваа и ги пееја големите хитови од 2017 година со задоволни изрази во знак дека не им треба ништо друго. Со тоа всушност „Егзит универзумот“ се рефлектира во помали мета-Егзит светови.

По „диско зоната“, ѕирнавме до главниот стејџ и сетот на Клептон. Факт е дека ако не си меѓу првите редови уште пред да започне одреден артист, мали се шансите дека ќе стигнеш понапред за подобро да слушаш и да ја почувствуваш музиката. Сепак некако успеавме да го искусиме и Клептон што нѐ подготви за сетот на „БДМ“.

Македонското електронско трио „БДМ“ го зазеде „Together. X House“ стејџот. Во продолжение погледнете каква беше атмосферата таму:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Вечерва е четвртата и последна вечер на годинешниот „Егзит“ фестивал. Како што е најавено, ќе биде посветена на хип-хоп со што Фестот ќе се приклучи кон низата други фестивали кои оваа година одбележуваат 50 години од појавувањето на првите хип-хоп семплови и рими. Вечерва прво ќе настапат Фокс и Суриал, потоа следува заеднички настап на „Оникс“, „Прти Бе Ге“, Смоки Мардељано и Ајс Нигрутин, а на крајот го чекаме настапот на „Ву-Тенг Клан“.

Ангела Бошкоска

Фото: Радио МОФ