Револуцијата во вештачката интелигенција (ВИ) може да го скрати времето кое луѓето го поминуваат на рутински домашни работи со тоа што роботите ќе извршуваат околу 39% од овие задачи во следните 10 години, велат експертите.
Задачи како што се набавки на намирници најверојатно ќе имаат најголема автоматизација, додека грижата за младите и старите најверојатно ќе бидат најмалку опфатени со ВИ, покажа големо истражување на 65 експерти за ВИ во Велика Британија и Јапонија кои биле запрашани да предвидат какво влијание ќе имаат роботите врз секојдневните домашни работи.
Сепак зголемената автоматизација може да резултира со „комплетно уништување на приватноста“, предупредува еден од авторите на истражувањето.
Екатерина Хертог, професорка за ВИ и општество на Универзитетот Оксфорд, повикува на јавна дебата околу приватноста во време на смарт-технологии, во која „слични направи како Алекса ќе можат да слушаат и снимаат што правите и ќе известуваат за тоа“.
Таа смета дека доколку се реализира, поголемата автоматизација може да помогне во подобрување на родовата еднаквост, бидејќи жените се` уште го носат најголемиот дел од товарот на неплатената работа. Во Велика Британија жените работат двојно повеќе од мажите неплатени работни задачи, додека во Јапонија мажите работат помалку од петтина од неплатената работа.
Сепак, таа за Би-Би-Си вели дека цената на технологијата значи дека користењето на куќни роботи може исто така да води кон зголемување на нееднаквоста во слободното време, бидејќи само побогатите домаќинства ќе можат да си ја дозволат технологијата.
Експертите вклучени во истражувањето проценуваат дека само 28% од негата, како учење или грижење за дете, или пак негување на повозрасен член на семејството ќе биде автоматизирано. Но, тие предвидуваат дека може да се скрати 60% од времето потрошено на купување намирници.
Сепак предвидувањата околу роботи кои ги преземаат домашните работни задачи во следната деценија се правеле и во последниве неколку декади, но реалноста на роботи кои можат да фрлаат ѓубре, или да подигаат коцки од подот и понатаму останува тешко да се постигне. Хертог ова го споредува со автономните возила.
„Ветувањата за автомобили кои можат сами да возат, да се најдат на улиците, да ги заменат таксињата постојат неколку децении – и, сепак, не успеавме да направиме роботите да функционираат добро, или овие автономни возила да можат да се снаоѓаат во непредвидливото окружување на нашите улици. Домовите се слични во тој поглед“, вели таа.