Повеќе од 90% од младите во Македонија слушнале за терминот родова еднаквост, сепак околу 1/5 од нив не се доволно запознаени со значењето и суштината на концептот на родовата еднаквост. Родовите стереотипи кај младите пред сè се поврзани со однесувањето на момчињата и девојчињата, нивниот надворешен изглед, односно облеката.
Според младите, најголем дел од родовите стереотипи потекнуваат и се учат од семејството. Околу 30% имаат родово стереотипно размислување кога станува збор за учество во донесувањето одлуки на жените и „природата“ на мажите да бидат лидери. Секое четврто анкетирано момче смета дека жената има обврска да се грижи за хигиената во домот и да подготвува храна, а секој петти млад маж од испитаните смета и дека мажот е одговорен за плаќање на сметките, а пак 18% сметаат дека одлуката за купување автомобил треба да ја донесе мажот.
Овие се дел од клучните наоди на Анализата на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија во која учествуваа 1200 млади на возраст од 15 до 29 години, од кои 634 девојки и 566 момчиња. Истражувањето е спроведено теренски со затворени прашалници по региони и во него учествуваат млади од македонска, албанска, ромска и турска етничка припадност.
Истовремено, наодите водат до тоа дека девојките повеќе ги препознаваат родовите стереотипи во државата отколку момците, односно 81,1% од испитаничките од и 76.9% од испитаниците сметаат дека во Северна Македонија постојат родови стереотипи.
Авторка на Анализата е Љупка Трајановска. Таа резултатите од неколку месечното истражување ги презентираше на денешниот настан организиран од менторската мрежа „Стела“ и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Трајановска при истражувањето открила, како што рече, загрижувачки резултати, а од некои била изненадена. Според неа најзагрижувачки е податокот дека 40% од младите мажи и жени не сметаат дека жените треба да бидат донесувачи на одлуки во општеството.
„Тоа се некои затскриени стереотипи и предрасуди кои ги имаме во себе иако се обидуваме да не ги исполнуваме, ќе дојде еден конкретен родов стереотип којшто ќе покаже која е онаа вистинска слика и вистинско размислување. Без учество на жените во политиката никогаш нема да имаме задоволување на специфичните потреби на жените и мажите. Пред се’ затоа што биолошки сме различни и затоа што жените се тие коишто најдобро ги знаат специфичните потреби коишто ги имаат. Да не беа младинските организации, никогаш немаше да дојдеме до ова што сега конечно го остваривме, односно намалување на данокот за менструални производи од 18 на 5%, апсолутно на ниту еден маж немаше никогаш да му текне дека ова не е луксузно добро и не треба да биде со ист данок како што се цигарите и алкохолните пијалаци. Имавме огромна поддршка од жените пратенички за ова“, истакна Трајановска.
Машките носат сина, девојчињата розева облека
Младите најчесто за стереотипите дознаваат од семејството, а велат дека најмалку се застапени во традиционалните медиуми. Според Трајановска ова веројатно се должи на тоа дека младите речиси воопшто не гледаат линеарна телевизија, односно не ги следат традиционалните медиуми.
„Родовите стереотипи најмногу ги има во училиштата. Сетете се само на часовите по физичко образование. Машките играат фудбал и кошарка, а женските народна… или нешто друго што одговара за женски“, изјавил маж на возраст од 25 до 29 години.
Студијата испитува и некои од најчестите стереотипи на родова основа присутни во општеството, образованието, на работните места.
Оттука, 10% од младите мажи и околу 6% од младите жени сметаат дека од момчињата и мажите се очекува да користат насилство и агресија зошто така се докажува мажественоста.
Вкупното работоспособно население во 2022 година изнесува 1 464 493, од нив 22,5% се млади. Стапките на невработеност се највисоки кај младото население, а родовиот јаз е особено забележителен кај младите на возраст од 20 до 24 години.
Најактивната возрасна група млади луѓе на пазарот на труд, односно испитаниците и испитаничките на возраст од 25 до 29 години, со високи 54,9% смета дека сѐ уште постои поделба на „машки“ и „женски“ професии во општеството.
„Интересно е да се забележи дека помладите испитаници, односно девојчињата и момчињата на возраст од 15 до 19 години, кои се всушност и најмалку активни на пазарот на трудот, во значително поголем процент 51% веруваат дека не постојат „машки“ и „женски“ професии. Неактивноста на пазарот на трудот, а со самото тоа и немањето искуство со барање работа, прегледување огласи за вработување, учествување во интервјуа со работодавачи покажува дека младите на оваа возраст сѐ уште не се соочиле со родовата дискриминација и не ја препознаваат“, пишува во анализата.
„Традицијата и обичаите се наведени како тешкотија од 15.6% испитанички и 13.6% испитаници“, стои во истражувањето.
Околу 60% од анкетираните млади сметаат дека жените се предодредени за грижа за децата и семејството, додека околу 25% се на ставот дека мажите кои поминуваат време со семејството се помалку мажествени.
[Графикон] Кој треба да биде одговорен за следните домашни обврски?
Младите бараат да се вложи во едукација
Надминувањето на овие стереотипи, младите го гледаат во потребата за создавање средина во која ќе има поголем активизам на младите девојки/жени на локално ниво. Понатаму, дел од препораките се и едукација на општеството, обука на жени и стипендии на девојки.
Паралелно, авторката на анализата дава препорака да се ревидира Законот за младинско учество и младински политики за влијанието на родовата еднаквост, бидејќи, како што рече Трајановска, тој сега е родово-слеп.
„Процената би овозможила да се воведе родова перспектива која ќе им одговара на различните потреби на младите жени и мажи“, децидна е таа.
До Министерството за образование и наука, меѓународните организации и амбасадите се препорачува да обезбедат стипендии за млади дифицитарните струки, каде се запишуваат помалку момчиња и помалку девојчиња.
„Подигнувањето на свеста и информирањето на младите луѓе за значењето и бенефитите од родовата еднаквост е потребно да започне во образовниот период. Младинските тела, Агенцијата за млади и спорт, како и Националниот младински совет на Северна Македонија треба да ја зајакнат својата улога во лобирањето за воведување сеопфатно сексуално образование“, гласи уште една препорака.
До Националниот младински совет се препорачува да организира обуки, креира програми и кампања за поткревање на свеста меѓу младите за штетноста на родовите предрасуди.
Ангела Бошкоска