Повеќе средства за наука, енергетска ефикасност на студентските домови, помалку за реконструкција на основните училишта. Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе претрпи кратење, а од него ќе се издвојуваат и пари за Државниот инспекторат за животна средина се дел од новините на Буџетот за 2025 година кој минатата недела беше усвоен од Собранието.
Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) се зголемува за 2,7 милијарди денари споредено со првичниот Буџет од оваа година. Зголемувањето најмногу се однесува на парите за наука, 293 милиони денари или 77 отсто повеќе од лани. Од Буџетот на МОН годинава ќе се издвојуваат и пари за Реформа во јавната администрација што не беше случај претходно. Растат буџетите за средно и високо образование како и за ученички и студентски стандард.
Ако се погледне во буџетите на универзитетите се забележува дека кај сите има зголемување во просек за 23%. Драстичен пад има во средствата за продолжување на изградбата на факултетите за физичка култура и информатичка технологија – само 1 милион денари, додека лани оваа сума беше само 3 милиони денари.
Во делот Инвестиции во образованието најмалку пари се издвојуваат за Реконструкција на основните училишта, 51% помалку од лани, а помалку пари ќе има и за реконструкција на ученички и студентски домови. Додека, најголемо зголемување во овој дел има во ставката Енергетска ефикасна рехабилитација на студентските домови каде сумата достигнува 82 милиони денари, или четири пати повеќе од ланскиот буџет.
Со формирањето на новата Влада во јуни оваа година, Министерството за труд и социјална политика се трансформираше во Министерство за социјална политика, демографија и млади. Со ова, фокусот врз младите од Агенцијата за млади и спорт премина во надлежност на реформираниот ресор, додека во меѓувреме целосно се укина Агенцијата за млади и спорт.
Министерството добива поголем буџет за 7,4 милијарди денари, а буџетот за ставката Млади ќе порасне двојно или за 97%. За млади се одвојуваат 8,5 милиони денари. Но, од буџетот на овој ресор ќе се крати во средствата за Родова еднаквост и недсикриминација кои процентуално се помали за една третина.
Кратење има и од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање кој процентуално ќе биде 18% помал од лани. Најголемото кратење е во делот Заштита на животната средина за 169,3 милиони денари, односно двојно помалку пари се издвојуваат за квалитет на воздух (22,8 милиони денари) и 152,8 милиони денари за третман на отпадни води или 42% помалку од лани. Новина овде е издвојувањето пари за Државниот инспекторат за животна средина кои ќе бидат 37,7 милиони денари.
Ангела Бошкоска