Eдна третина од средношколците од прва и втора година наседнуваат на спам пораки, речиси половина не препознаваат мамки и говор на омраза во медиумските наслови, а под гледање телевизија подразбираат гледање Нетфликс, ХБО или други стриминг платформи. Истовремено, само 41% на школо добиваат доволно информации за тоа како да ги користат медиумите, а кога „висат“ на интернет, тогаш најмногу гледаат Тик-ток видеа и кратки видеа, односно рилови на Инстаграм и слушаат музика.
Ова го покажуваат наодите од истражувањето за медиумска писменост на средношколци од прва и втора година што го спроведе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Преку одговорите на учениците е анализирано како тие ја употребуваат електронската опрема, како препознаваат содржини и какво е нивното критичко размислување за информациите со кои се „хранат“ преку телевизија и интернет.
„Од една страна меревме знаење на учениците преку студии на случај, односно хипотетички ситуации, а од друга страна ги меревме и практиките кои тие ги прават секојдневно во реалниот живот. Така што, ќе биде интересно да се забележат некои разлики кои се јавија во нивните одговори и она што тие го прават“, рече Софија Ристова од агенцијата „Рејтинг“, која беше вклучена во истражувањето.
Телефонот и социјалните мрежи најмногу би им недостигале на учениците доколку не би можеле да ги користат во текот на една недела, веднаш потоа се интернетот и гледањето телевизија, а најмалку би им недостигало читање книги и слушање радио.
Топ 4 платформи на кои средношколците имаат профили се Инстаграм, Тик-ток, Фејсбук и Снапчат, но присутни се и на Дискорт, Редит, X и други слични платформи. Најмногу користат Инстаграм со 47%, а Фејсбук е на последно место со 7%.
Учениците биле прашани дали би дозволиле пристап на некоја апликација до своите лични податоци, галерија и камера, на што најмногу од нив одговориле дека најпрвин ќе проверат до кои податоци апликацијата има пристап и ќе размислат дали да ја инсталираат.
„Овој податок не е најреална слика затоа што луѓето воопшто, па така и учениците, најчесто посегнуваат во анкетите на ваков вид на прашање да дадат општествено посакувани одговори, затоа што знаат што е тоа што треба да го направат, меѓутоа во практиката не е секогаш тоа случај. Па така, од друго истражување дознаваме дека само од 7 до 10% од корисниците на Фејсбук, Твитер (сега X) и Тик Ток ги читаат политиките, а останатите делумно или воопшто не ги читаат“, образложи презентерката на истражувањето.
Според Ристова, заклучокот е дека луѓето воопшто, особено младите, преферираат брз пристап до апликации за сметка на тоа што значи дигитална приватност и услови, односно политики за користење на приватноста.
Понатаму, истражувањето ја тестирало и реакцијата на учениците на праќање спам пораки, или пораки кои можат да содржат вирус од некој нивен другар/ка.
„Една третина од испитаниците би постапиле погрешно доколку се најдат во ваква ситуација и не изразиле некое посебно внимание на овој случај“, рече Ристова, нагласувајќи дека ова е сериозен процент.
Исто така, сериозен е и податокот дека речиси ниту еден од учениците не е запознаен со техники и алатки за проверување на потекло на фотографија објавена на интернет.
„Тие најчесто комуницираат преку објавување фотографии на социјалните мрежи, така што нивното опкружување најголем дел од времето се фотографии, рилови и кратки видеа. Затоа, ова е сериозен податок кој би требало да се земе предвид при креирање на нови политики и програми за работа со средношколците“, потенцира презентерката на истражувањето.
Анкетарите им дале на учениците и примери од наслови на вести во вид на мамки и говор на омраза. Насловот што е мамка го препознале само 53% од испитаниците, а говорот на омраза само 58%.
„Од овој сет на прашања веќе гледаме дека учениците имаат сериозен проблем да ги детектираат овие наслови во медиумите и да препознаат што е тоа објективна информација, а што е лажна вест“, забележа Ристова.
Што е тоа дезинформација знаат 67%, што е мисинформација 62% од испитаните ученици, а од средствата за убедување најмногу ја препознаваат рекламата.
„9% од нив одговориле дека ништо од наведеното не е средство за убедување, што како податок укажува дека исто така е потребно да се инвестира во информирање на учениците на овие теми“, посочи Ристова.
Во однос на евентуалната реакција на ученикот доколку наиде на вест или ситуација на социјалните мрежи која ќе го вознемири, налути или разбесни, најголемиот број или 55% би се тргнале од екранот или ќе ја проверат веродостојноста на информацијата пред да донесат некаква одлука. Додека пак, 40% од нив ќе ја испратат веста на пријателите во приватна порака на некоја од социјалните мрежи.
„Индикативно, се’ повеќе се потврдува резултатот што го имаме и во други истражувања, а тоа е дека младите се почесто користат директни платформи за пораки и комуницираат меѓу себе на тој начин, а се помалку споделуваат јавно работи на социјалните мрежи“, заклучи Ристова.
Според неа, можеби најинтересен е наодот дека гледањето телевизија за 23% од испитаниците значи гледање на Нетфликс, ХБО, Амазон Прајм и слични стриминг платформи, а најмногу гледаат спортски натпревари, филмови, хумористични емисии и серии.
„Од овде може да видиме дека за младите генерации гледањето телевизија подразбира многу повеќе од класично гледање телевизиски програми на телевизија“, наведе Ристова.
Додека пак, на интернет 60% од средношколците поминуваат повеќе од 3 часа во школски ден, а 58% од нив за викенд поминуваат повеќе од 5 часа дневно, со тоа што најмногу гледаат Тик-ток видеа, рилови на Инстаграм и слушаат музика.
Дополнително, повеќето учениците се изјасниле дека преку социјалните мрежи не стекнуваат знаење и вештини, а речиси половина дека знаат како да бидат безбедни на интернет.
„Мислам дека ова е прилично висока себеоцена. Од останатите податоци и не изгледа така баш наодот од истражувањето“, децидна беше презентерката на истражувањето.
Исто така истражувањето покажува дека младите најмногу играат игри со пукање, спортски игри или симулатори и онлајн мултиплејер игри во арена. 57% од нив играат помалку од 1 час во школски денови, 30% од 1 до 3 часа, 9% од 3-5 часа и 4% „гејмаат“ над 5 часа, а за време на викенд бројот повторно се зголемува со тоа што 16% се изјасниле дека играат над 5 часа, а 21% од 3 до 5 часа.
„Може да има многу подобрување на овие резултати. Искрено, треба да се работи многу повеќе во препознавање на содржините и на специфичните начини како се пласираат содржините во медиумите денес. Факт е дека младите знаат како да ги користат дигиталните уреди, електронската опрема, меѓутоа им фали основата за тоа што е реално, што не и секако дека има простор повеќе да се работи“, заклучи Ристова.
Инаку, истражувањето е спроведено врз 884 испитаници од 40 средни училишта во 19 општини. Прашалникот бил на македонски, албански и турски јазик, односно на мајчиниот јазик за секој од испитаниците.
Правено е од АВМУ со поддршка на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ кој го спроведуваат ИКС, ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ), и агенцијата „Рејтинг“, од 22 ноември до 25 декември минатата година.
Ангела Петкова