Петицијата за сеопфатно сексуално образование ја поддржаа 2801 граѓани и граѓанки на Република Македонија, соопштуваат од организацијата ХЕРА.
Освен тоа, испратени се и 1862 поштенски картички адресирани до Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, со барање за преземање на конкретни мерки по ова прашање.
Граѓаните имаа можност да ја поддржат оваа десетдневна петицијата преку штандовите на ХЕРА и преку испраќање на картичка, но и преку интернет. Промотивните штандови беа поставени по неколку часа во Битола, Тетово, Куманово, Струмица, Штип и Охрид, додека во Скопје штандот беше отворен 3 дена.
Интересен е податокот дека најголем дел од граѓаните решија да ја изразат својата поддршка, дури 1116 од нив, само преку потпишување на поштенска картичка адресирана до Министерот за образование и наука, без при тоа да остават лични податоци, информираат од организацијата.
ХЕРА го извести Министерот Ристовски за исходот од петицијата и воедно, уште еднаш, побара официјално мислење за „Прирачникот за наставници од основните училишта за теми од областа сексуално и репродуктивно здравје“, подготвен од ХЕРА и стручни лица, а доставен за стручно мислење до Министерството во април оваа година.
Организацијата бара увид во рецензијата на којашто Министерот ја темели својата изјава, дадена на денот на промоцијата на петицијата, дека прирачникот „употребува експлицитна терминологија која е несоодветна за возраста на децата“.