Референдумот успешен, на ред е Советот на Гевгелија да ја спроведе одлуката

„Народе на Општина Гевгелија, победата на овој Референдум е ваша! Ги заштитивте вашите домови и иднината на вашите деца – нашето единствено злато!“.

Вака иницијативата „Спас за Гевгелија“ по социјалните мрежи го коментираше вчерашниот успешен референдум во Гевгелија, каде граѓаните во голем број излегоа да се изјаснат „против“ отворање рудници за металични минерални суровини на територијата на општината.

Од иницијативата сметаат дека Гевгелија си ги одбрани своите со Устав загрантирани добра, чиста еколошка средина, вода и воздух. Сега останува да се развиваат како земјоделски и туристички регион со чиста животна средина. Чекаат Советот на општината, во овој состав или новиот по локалните избори, да ја спроведе одлуката на гевгеличани.

Инаку, во гласачкиот список се наоѓаа 19,459 граѓани со право на глас а гласале 13.097 граѓани. Вчера до 19 часот 99,1 отсто од граѓаните се изјасниле „против“ рудници за злато. Од нив само 154 гласале за доделување на дозвола за експлоатација на злато во тој регион.

Како што објави агенцијата „Мета“, успешноста на референдумот е потврдена и од Општинската  изборна комисија на Гевгелија.