Вечерва (2 април) од 20 часот во МКЦ – Скопје ќе се одржи концертна промоција на албумот „Рефлексии“ од Дино Имери.
Дино Имери е веќе етаблирано име на домашната сцена, која третира класична музика. Со само 30 години веќе важи за еден од водечките и врвни пијанисти кој редовно може да се следи на репертоарот на Македонската филхармонија, но и како гостин на странски реномирани куќи.
„Неговиот труд и посветеност резултираат со постојан развој, па оттука и здравата амбиција за пишување сопствена музика. Всушност, преку ова издание за ПМГЏЕЗ, сведочиме за неговата трансформација од фантастичен изведувач во извонредно потентен композитор. „Рефлексии“ е негово прво издадено авторско дело, кое веднаш плени со својата кротка флуидност и паметна убавина. Медитативна потрага по сопствен израз, познати и непознати улици и сето тоа без претерана дистанца, отворен за комуникација со слушателот. Освежувачко отсуство на непотребно интелектуализирање и подготвеност да гради мелодични мостови до љубопитните уши. Се чини ова е само почеток на една возбудлива музичка афера, или ако сакате, композиторска кариера. Оваа музика ви е потребна. Парче убавина, сосем неповрзано со што било од рутината на вашето напорно секојдневие. Можност за кратко бегство во бестежинска состојба, без напуштање на планетата“, порачуваат организаторите.
Од МКЦ потенцираат дека концеротт ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.
Влезот за публика е во 19:30 часот.