Унгарскиот парламент вчера донесе закон со кој се отвора патот за преземање на управувањето со универзитетите и културните институции. Ваквиот потег според критичарите ја зајакнува идеолошката доминација на владејачката десничарска влада на Виктор Орбан, пишува Ројтерс.
Во моментов, повеќето унгарски универзитети се во сопственост на државата, но имаат и широка академска автономија.
Предлог-законот, подготвен од заменикот на премиерот Орбан, вели дека универзитетите треба да се реорганизираат и да се водат од фондации, бидејќи современите услови бараат „повторно реобмислување за улогата на државата“, а фондациите ќе управуваат со институциите поефикасно.
Партијата Фидес на Орбан, која има двотретинско мнозинство во парламентот, гласаше „за“ законот.
Владата ќе назначи управни одбори да раководат со фондациите, кои ќе контролираат големи средства од недвижности и ќе имаат корист од милијарди евра од фондовите на ЕУ.
Покрај тоа, како што пишува Ројтерс, ќе имаат и значително влијание врз секојдневниот живот на универзитетите. Владата ќе инвестира во неколку фондации користејќи го својот удел во блу чип компаниите (со силни пазарни позиции) МОЛ и Рихтер. Исто така, ќе одвои 2,8 милијарди евра од фондовите на ЕУ за закрепнување со цел реформа на универзитетите.
„Планирате да ги донирате остатоците од државното богатство на овие фондации“, рече пратеничката Ершебет Шмук од опозициската партија ЛМП во парламентот во понеделникот.
Орбан одговори дека не станува збор за приватизација на државните универзитети и дека неговата влада инвестира во високото образование давајќи значителни средства на тие фондации.
Премиерот контролира поголем дел од јавниот живот на Унгарија, како што се медиумите, образованието и научните истражувања.
Владата на Орбан, која ги промовира христијанските, конзервативни вредности, силно се спротивставува на имиграцијата и ги ограничи правата на ЛГБТИ лицата.
Атила Цикан, професор по економија на Универзитетот Корвинус во Будимпешта и министер во првата Орбанова влада во 1998 година, рече дека овој потег е дел од „идеолошката војна“ објавена од премиерот.
„Тие не кријат дека сакаат да ја преземат интелектуалната моќ, по политичката и економската“.
Потсети дека последниот потег се случи откако владата ја засили контролата над академските истражувања и во 2019 година ја принуди главната либерална образовна институција, Централноевропскиот универзитет, да се пресели во Виена.
Предлог-законот вели дека „основното очекување на фондациите е активно да го бранат опстанокот и благосостојбата на нацијата и интересите за збогатување на нејзиното интелектуално богатство“. Задачата на фондациите што ќе управуваат со некои културни институции ќе биде „зајакнување на националниот идентитет“.