Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена во понеделник, 23 декември 2024 во 19 часот во Културно информативен центар (КИЦ) на Македонија во Тирана, Албанија.
„Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација“, се вели во најавата.
Како што пишува таму, делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето.
„Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж)“, стои во најавата.
„Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата“, се вели за авторката Зафировска.
„Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата ‘Регенерација’“, пишува таму.
Изложбата ќе може да се посети до 27 декември.