Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска се занимава со преиспитување на односот на видливиот свет со невидливиот свет. Таа ќе биде отворена утре (18 октомври) во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје од 20 часот.
ќе биде отворена во среда, 18 октомври 2023 во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетата до 30 октомври.
„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа“, се вели во описот.
За визуелизирање на идејата авторките експериментираат и комбинираат фотографија, принт и други материјали како жилети, ќибрити, плексиглас, колаж.
„Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него. П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот“, пишува Горјан Ѓорѓиев.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 30 октомври.
Ана Ивановска завршила постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирала повеќе самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство и добитник е на повеќе награди меѓу кои и „Денес“ и наградата за нови медиуми доделена од ДЛУМ (2020) и беше претставник на Р. Македонија на интернационалниот натпревар на VII Франкофонски игри во Ница, Франција (2013).
Христина Зафировска е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје, насока графички дизајн. Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во земјава и надвор.
Маја Кировска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, отсек графика, а магистрант е на истиот факултет, отсек сликарство. Во 2011 започнува постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за филмски уметности – Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, фотографија, перформанс, слика, графика, цртеж и филм, најчесто комбинирајќи ги.
Трите уметници се дел од основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009) која станува уметнички културно алтернативен центар во Скопје сè до 2011 година.