Шеснаесет нестандардни општински и десетици диви депонии, полни со секаков отпад, без никаква ограда или заштита, расфрлани речиси до секое населено место, во реките, покрај нивите и патиштата или во шумите, се реалната слика за Источниот и Североисточниот регион на Македонија, но и за целата земја, пишува Новинската агенција Мета. Овие два региони се првите кои имаат шанса да ја сменат оваа состојба и барем во делот на третман на отпадот да заличат на европските држави. Секако, тоа ќе се случи доколку наскоро започне реализацијата на првата регионална депонија по европски стандарди во земјава, која треба да се гради во зоната на селата Мечкуевци–Арбашанци во Општината Свети Николе.
Проектот за изградба на центарот за управување и третман на отпад во Свети Николе е започнат поодамна, па се очекуваше дека досега ќе биде реализиран. Сепак, и десетина години по почнувањето на процесот, изградбата сѐ уште е неизвесна. Влијанијата на политиката и центрите на моќ, кои промовираат различни интереси се присутни постојано и создаваат силна конфузија кај населението. Ширењето на антиевропска пропаганда и дезинформации, постојано го следи секој чекор од развојот на овој проект финансиран од Европската Унија, а одговор на институциите надлежни за негова реализација, на овие напади, речиси и да не постои.
Тоа придонесува отпорот на граѓаните, особено во Свети Николе, кон овој значаен проект речиси и да не се намалува. И покрај големото значење, изградбата на првата депонија по европски стандарди е закочена по многу основи, а распишувањето на тендерот за изведувач се одложува повеќепати. Тоа воопшто не ѝ оди во прилог на земјава бидејќи средствата, обезбедени од Европската Унија, во најголемиот дел како грант, нема вечно да ни стојат на располагање.
Ако проектот не се спроведе навреме, парите ќе пропаднат
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека со овој проект управува земјата-корисничка, што значи дека постапките за набавки и склучување договори ги вршат акредитираните национални институции, Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии, додека ЕУ врши контрола пред нивното објавување. Распишувањето на тендерот, посочуваат од Делегацијата, многу зависи од навременото доставување и квалитетот на тендерското досие.
„Овој инвестициски проект е финансиран од фондовите на ЕУ доделени во рамките на Повеќегодишната програма за акција за животна средина и клима (2014-2020). Доколку ваквите големи проекти не се спроведат навреме, финансирањето од ЕУ ќе се одземе од таа програма бидејќи важат роковите за имплементација. Покрај еколошките придобивки, од големо значење е навременото спроведување на овој проект во дадените рокови“, посочуваат од Делегацијата на ЕУ.
Единаесет општински и 71 нелегални депонии и ѓубришта има само во Источниот регион, кои во моментов постојат без никакви стандарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Во Североисточниот регион постојат пет општински и 36 диви депонии покажуваат податоците од Министерството за животна средина. Какви се последиците од децениското трупање отпад за почвата и подземните води нема податоци. Дали некогаш ќе бидат измерени не се знае, но очекувано е дека се сериозни. Деновиве актуелни се и пожарите, па депониите го даваат својот придонес и за неквалитетот на воздухот.
Во моментов, во 18 општини во овие два региона се работи на затворање на повеќе од сто диви и нестандардни депонии. Од ѓубриштата на кои има помалку од 3.000 кубни метри отпад ѓубрето ќе се премести на некоја од другите депонии, онаму каде има до 10.000 кубни метри отпад планирано е затворање и покривање без систем за собирање на биогасот, додека поголемите депонии ќе се затвораат со систем за собирање на биогасот.
Проектот, вреден 10 милиони евра започна во 2021 година, се одвива во две фази и всушност ќе треба да обезбеди отстранување на отпадот, поставување на ограда и канал за атмосферски води на локациите, како и воспоставување мониторинг на подземните води и контрола на теренот за да се избегне повторно трупање на отпад.
Во рамките на овој проект ќе треба да се затвори и нестандардната општинска депонија на Свети Николе. Таа се наоѓа на само неколку километри од градот, на брдо, оставена на отворено, без никаква ограда, ниту пак заштита. До натрупаниот отпад без проблем може да пристапат и животни и луѓе и е потенцијално жариште на зарази. Иако е голем ризик за здравјето на луѓето, сепак, непосредно до депонијата се одгледува винова лоза. Како и повеќето депонии низ земјава, неодамна и на Светиниколската имаше пожари.
Целиот текст е достапен на meta.mk.