Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, остро го осудува бруталниот напад врз новинарот и дописник на БН ТВ Владимир Ковачевиќ.
Како што соопштува Платформата, вчера (26 август) две маскирани лица го чекале Ковачевиќ пред влезот на неговата зграда и го нападнале со метални шипки, нанесувајќи му тешки телесни повреди.
„Зачудени сме од начинот на кој бил извршен нападот, сметаме дека тој бил организиран и добро испланиран, а негова главна цел била загрозување на животот на новинарот Ковачевиќ, како и да се запре неговата професионална работа во БН ТВ“, реагира Платформата.
Од таму изразуваат длабока загриженост поради фактот дека Ковачевиќ бил нападнат кратко време откако ги испратил своите извештаи од градот – по демонстрациите одржани во Бања Лука, каде што групата „Правда за Давид” (група на граѓани кои се бореле да ја откријат вистината за убиство на младиот студент од Бања Лука, Давид Драгичевиќ) секојдневно се собира и протестира.
„Овој напад следува по серијата вербални напади и политички притисоци врз новинарите од БН ТВ, упатени од страна на Претседателот на Република Српска, Милорад Додик и другите функционери блиски до него“, соопштува Платформата.
Регионалната пларформа потсетува дека ова е петти напад врз новинари во БиХ оваа година.
„Бараме од Министерството за внатрешни работи на Република Српска итно и професионално да го истражи нападот врз Владимир Ковачевиќ, како и да ја информира јавноста за околностите за овој предмет што е можно поскоро и да ги казни сторителите според законите на Републиката Српска и БиХ. Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, стои во реакцијата.
BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalists Association of Serbia
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.