Регионалната Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност (SafeJournalists.net) реагира за случајот во Бања Лука, каде Вања Стокиќ, главен и одговорен уредник на порталот Е-трафика добила порака на нејзиниот профил на Фејсбук од позната личност во која се вели дека тој ќе ги „обезглавува“ не само мигрантите, туку и „сите оние кои ќе ги подржуваат и ќе им посакуваат добредојде“. Иако се знаеше идентитетот на сторителот, велат од Платформата, тој беше уапсен дури следниот ден, по дополнителни закани и заплашување на Стокиќ и нејзините пријатели и по силната реакција во јавноста.
Во петокот, на 22 мај, Стокиќ добила вознемирувачката порака откако на својот профил објавила фотографија со двајца мигранти. Таа се обидела да ги пријави заканите во полиција веднаш, но и било кажано да се врати во понеделник – три дена по заканите. Стокиќ рече дека истата личност повторно ја контактирала, повторувајќи ги заканите, па дури и оставил телефонски број, за таа да може да го предаде на полицијата.
Потоа, цели два часа тој ме малтретираше мене и моите пријатели на социјалните мрежи и пишуваше одвратни коментари“, рече Стокиќ и додаде дека полицијата во Бања Лука не ги сфаќала сериозно овие закани и не сакала да земе нејзината изјава. Ваквиот став овозможи заканите и заплашувањата да продолжат.
Партнерот на SafeJournalists.net, BH Journalists, остро го осуди непрофесионалното однесување на полицајците во овој случај и побара санкционирање на лицата кои задоцнија со земањето на изјавата и спроведувањето на истрага за ова кривично дело.
„Тешко е да не се забележат двојни стандарди овде – кога добиваат закани јавните службеници преку социјалните мрежи, надлежните реагираат итно. Случаите брзо се испитуваат, а сторителите се пронаоѓаат и санкционираат“, рече Борка Рудиќ, генерален секретар на новинарите во БиХ.
„Во случајот на Вања Стокиќ, полициската администрација на Бања Лука дејствувала непрофесионално и не ги сфатила сериозно заканите, со што се овозможило Стокиќ повторно да биде заплашена од истата личност. Сега, кога сторителот е уапсен, ние инсистираме на сериозна истрага и санкционирање на лицето кое и се заканило“.
Мрежата SafeJournalists.net, која претставува повеќе од 8.200 новинари и медиумски работници во Западен Балкан, му се придружува на нејзиниот член од БиХ Новинари во изразувањето на загриженост за ставот на полициската администрација на Бања Лука.
„Додека го поздравуваме апсењето, жалиме што полицијата не реагирала веднаш и не се погрижила Стокиќ и нејзините пријатели да не бидат изложени на дополнителни заплашувања. Ги повикуваме надлежните органи да прифатат дека заканите и заплашувањето на новинарите се закани кон јавниот интерес. Ваквите случаи мора да бидат истражени и сторителите да бидат казнети без одлагање, а со тоа, државата испраќа јасна порака дека таквото однесување нема да се толерира“, соопштуваат од Платформата.
SafeJournalists.net ќе ги информира релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни за овие случаи.
„Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, потенцира Платформата, која поврзува медиумски организации од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, БиХ и Хрватска.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.