Регистриран првиот случај на мајмунски сипаници во Шведска

Светската здравствена организација во средата ја прогласи мајмунската сипаница за глобална јавно здравствена криза по втор пат во две години. Властите во Шведска објавија дека е регистриран првиот случај на мајмунска сипаница (мпокс), вирусна инфекција која се шири преку близок контакт и е поопасна варијанта на болеста, пренесува Ал Џазира Балканс.

„Во попладневните часови добивме и потврда дека имаме еден случај на потежок тип на сипаници во Шведска, оној наречен Клад I“, рече министерот за здравство и социјална заштита Јакоб Форсмед на прес-конференција вчера.

Светската здравствена организација во средата го прогласи мпокс за глобална јавно здравствена криза по втор пат во две години, откако избувнувањето во Демократска Република Конго се прошири во други земји.

„Вонредната ситуација за јавно здравје од меѓународна загриженост е највисокото ниво на тревога според меѓународното здравствено право“, рече шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на социјалната мрежа X.

Од почетокот на годинава, повеќе од десет африкански земји ја пријавиле болеста, која се пренесува преку близок контакт, а во Демократска Република Конго се регистрирани повеќе од 90% од пријавените случаи.

Според СЗО, мајмунските сипаници предизвикуваат осип и симптоми слични на грип.

Мајмунската сипаница се шири во Африка, СЗО прогласи глобална здравствена криза