Претставките каде граѓани се жалат на нереално високите сметки за струја, односно кај кои е фактурирана нереална потрошувачка ќе бидат приоритено разгледани од Комисијата за жалби која функционира во рамките на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ), соопштија оттаму.
Од Регулаторна велат дека изминатиот период им било укажано дека потрошувачите добивале високи сметки за електрична енергија за еден месец, за следниот месец да добијат само за улично осветлување. Затоа и повикуваат, корисниците кои забележале вавов проблем, да пријават до нив.
Според Регулаторите, потрошувачите имаат можност за контрола на начин што самостојно ќе ги отчитаат броилата по што можат онлајн да ја пријавуваат состојба на броило во ЕВН, со што врз основа на овие податоци за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа ќе добијат реална фактура за потрошената електрична енергија.
Исто така потсетуваат дека Универзалниот снабдувач односно ЕВН Хоме не смее да ги исклучува од системот за електрична енергија ранливите потрошувачи во месеците декември, јануари и февруари поради неплатени фактури за испорачана електрична енергија. Ранливиот потрошувач има можност за одложено плаќање,а може да побара и да биде ослободен од обврска за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема.