РЕК Битола ќе се модернизира со што ќе да ги подобри перформансите на производство и ќе ги намали емисиите на штетните честички и прашина во гранични вредности, според европските директиви и законодавство, најавува новото Министерство за енергетика, пишува новинската агенција Мета.
Најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во земјава работи на јаглен и е еден од најголемите загадувачи на воздухот. Според најновиот извештај „Усогласи или затвори“ од објавен од Bankwatch, загадувањето со сулфур диоксид од термоелектричните централи што користат јаглен, во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, сѐ уште заеднички беше поголемо за 5,7 пати од дозволеното, а оџаците на блоковите 1 и 2 на РЕК Битола и годинава беа дел од оние кои ги надминаа дозволените годишни граници за емисии на SO2 за повеќе од 10 пати.
Од Министерството за енергетика велат дека основниот начин со кок ќе се намалува употребата на фосилни горива, пред сѐ на јагленот, е со изградба на капацитети кои користат обновливи извори на енергија, со зголемување на мерките на енергетка ефикасност и со изградба на термоелектрaни на гас. Велат дека планираат изградба на две когенеративни централи, од кои едната би била во Битола, изградена во согласност со строгите еколошки стандарди, која ќе обезбеди стабилно и континуирано производство на електрична и топлинска енергија, а токму со тој проект ќе започне и енергетската транзиција на комбинатот.
„Ја разгледуваме и можноста со ревитализација и модернизација на ТЕЦ Неготино да добиеме уште еден капацитет што ќе користи гас во производството на струја, со што животниот век на овој енергетски капацитет би се продолжил за најмалку три децении. Со посветеност кон овој проект, веруваме дека во наредниве пет до шест години ќе имаме уште еден електроенергетски капацитет што ќе ја потврди заложбата на Владата кон зелена транзиција“, посочуваат од Министерството.
Нагласуваат дека за да реализираат овие планови потребно е да се заврши започнатата изградба на гасоводната мрежа, на што интензивно ќе се работи во наредниот период. Исто така во план е изградба на ветерни паркови Богданци и Миравци со што со сопствени капацитети Македонија ќе има квалитетен енергетски систем.
Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, пак, смета дека земјава мора да реализира брзи мерки со кои ќе се обезбеди етапно напуштање на користењето на фосилните горива, вклучително и гасот.
„Целта и заложбите на ЕУ се да се постигне климатска неутралност до 2050 година и се резултат на извештаите за состојбата со климата изработени од Меѓувладиниот панел на научници за климатски промени, според чии модели и проценки токму Европскиот континент се загрева двојно повеќе од светската стапка. Во свет со пораст на температурата од 1,5°C, Европа ќе треба да биде подготвена да живее со клима која е за три степени потопла, доколку се продолжи со согорувањето на фосилните горива. Итно мора да започне етапен прекин на употребата на фосилни горива, вклучувајќи го и фосилниот гас мора да започне што поскоро ако сакаме да имаме безбедна клима“, вели Чоловиќ -Лешоска.
Таа посочува дека ниту една транзиција не е добра за луѓето и заедниците доколку се случи принудно и забрзано. Потребен е процес на планирање и инвестиции со кој ќе се обезбеди етапен премин на регионите со јаглен каде локалните заедници ќе бидат активен дел од решенијата. Брзиот развој на технологиите за обновливи извори на енергија нуди решенија кои директно помагаат во постигнување на климатските цели, го поттикнуваат економскиот развој и енергетската независност и воедно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните и локалните заедници.
Рокот за енергетска транзиција од јаглен првично беше зацртан до 2030 година, но е поместен до 2050 година. Во најголем дел од земјите од ЕУ постои начелен план до 2038 година да заврши трансформацијата во најголемиот дел од Унијата. Од Министерството за енергетика велат дека енергетската транзиција во Македонија е започната, но сепак треба да се има предвид дека таа е сложена и доста скапа и потребен е долг временски период и сериозни финансиски средства за изградба на нови капацитети за да може зелената транзиција да биде успешна. Посочуваат дека земјата од една страна е сиромашна, а од друга страна во изминативе децении имаше многу малку инвестиции во енергетиката.
Од таму велат дека имаат планови да посветат поголемо внимание на енергетската ефикасност и изградба на фотоволтаици на домовите, на градинките, училиштата и други јавни објекти и да го поттикнат истото и во компаниите.
„Ако се зголеми бројот на фотоволтаици во зградите, поттрошувачката на струја, онаа што треба да ја обезбеди државата, драстично ќе се намали. Сите проценки зборуваат за тоа дека мерките за енергетска ефикасност донесуваат заштеда во потрошувачката на струја за околу 30%. За оваа цел има многу фондови кои помагат, а кои недоволно се искористени“, велат од Министерството.
Што се однесува до гасот, од оваа институција сметаат дека тоа гориво нема да може лесно да се замени, бидејќи само обновливите извори на енергија не можат да обезбедат стабилно производство и снабдување со електрична енергија со оглед на тоа дека зависат од природата.
„За такво нешто би била потребна изградба на нуклеарни електрани, кои пак носат други ризици. Долгорочно, во светски рамки, постои идеја за користење на водородот, најважната енергетска суровина во иднина. Но, додека новата технологија за производство на водород не се примени во поголема мера, и развиените земји ги приспособуваат термоелектраните на јаглен на гас како гориво, посочуваат од Министерството за енергетика.