По две години од затворањето, градежната работа во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ започна во мај годинава. Се предвидоа 18 месеци за завршување на реконструкцијата од денот на започнувањето.
На вчерашниот увид во работата во домот, со цел да види по која динамика ќе се заврши, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е прв од повеќе домови кои ќе се реконструираат во следниов период. Процесот е во „фаза на инсталации, прозорци и сѐ што е потребно, а ќе опфаќа енергетски ефикасна фасада, нови санитарии, нови подови, нов покрив покриен со фото волтаици и соби за лицата со попреченост“.
„Изведувачите велат дека динамиката е според планот и очекуваме првиот дом да биде завршен најдоцна за година и пол“, изјави таа.
Додека пак, теренските активности во студентскиот дом „Стив Наумов“, како што информираше министерката, ќе започнат откако ќе одобри Град Скопје. А, во меѓувреме, вели, тие во Министерството прават планови и спремаат документација за да се подготват да продолжат со реконструкција и на останатите домови.
„Претпоставувам ќе ги интересира студентите кои треба и се во фокус на МОН дека тие во оваа година всушност ќе имаат два дома помалку на располагање, но Министерството ќе направи засилени напори да ги смести сите што исполнуваат услови и во останатите домови. На располагање имаме и ученички домови кои исто така ќе им ги дадеме на располагање на студентите“, истакна Јаневска.
На прашање на Радио МОФ за тоа дали барањата на студентите за транспарентен процес на селекција во домовите ќе се остварат годинава, министерката одговори дека процесот како што секоја година требало, така и оваа ќе биде транспарентен.
„Во министерството се формираат комисии, студентите се пријавуваат, нашата база е поврзана со базата на УЈП, затоа што студентите треба да исполнуваат одредени услови, се ќе биде јавно објавено, секој може да има увид, достапност до информација од јавен карактер. Така како што сме ветиле, вклучително и овој, ќе бидат транспарентни“, потенцираше таа.
Меѓутоа, комисија од студенти и вработени на МОН кои ќе го мониторираат целосниот процес на избирање студенти во студентските домови и ќе ја верификуваат веродостојноста на истите – што беше барање на студентите – нема да има поради потреба од „законски можности или дополнителни правилни“ за истите.
„Јас се сретнав со студентите, со неколку здруженија, ние разговаравме. Апсолутно ги поддржувам во најголем дел од нивните барања и од следната година ќе ги користиме сите можности кои ги даваат законите, но и ќе гледаме да удоволиме на нивните барања и потреби. Секако, следат законски измени и ќе се обидеме во тие законски измени максимално да ги вклучиме таму каде што тие сакаат и припаѓаат“, вети министерката.
„Борбата“ за студентско легло во Скопје годинава уште поголема
Ангела Петкова
Фото: Радио МОФ