Рано утринава Универзалната сала во Скопје ја зафати голем пожар. По еден час, екипите на противпожарната единица пожарот го ставија под контрола.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска побара итно постапување од надлежните институции со цел побрзо да се најде причината поради која избувна пожарот. Костадиновска најави и продолжување на реконструкцијата на Универзална сала веднаш штом се санира предизвиканата штета.
„Направена е само материјална штета која ќе се утврди колква е пред да се продолжи со градба. Заедно со стручни лица од градежен факултет и од сите релеванти институции кои досега учествуваа ќе се утврди која е причината за штетата. Морам да потенцирам дека објектот е осигуран. Од осигурувањето ќе се санира штета која што е направена и потоа ќе се продолжи со градба“, изјави Костадиновска Стојчевска.
Како што информираше министерката на местото на настанот немало повредени.
Гори #универзална pic.twitter.com/V0UQWhGBs4
— Daniel (@delicon) April 9, 2024
За пожарот се огласи и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа апелираше итно да се истражат причините за пожарот за да се утврди дали е поради човечки фактор и мотивирано од погрешна и небезбедна градба.
„Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме! Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од Градот да потпише градба и продолжи било каква реализација“, вели Арсовска.
Сопственикот на фирмата која што ја реконструира Универзална сала, Лазар Арсовски рече дека утрово немало градежни работи на објектот и дека чуварите забележале дим.
„Реконструкцијата и сами гледате колку трае. Толку многу писма до инвеститорите, толку многу молби, како да сме знаеле дека ќе се случи ова. Самата сала е изградена 1963 години и имаме среќа што целата инфраструктура внатре од столчиња, е извадена надвор и всушност гореше старата конструкција, на старите иверици, ѕидови, плочки. Моите мајстори пробале со противпожарен систем да го изгаснат, тоа се иверици, стари со години, суви, и брзо горат. За пола саат сама се изгаси бидејќи нема што да гори. Апел до инвеститорите што побрзо да се изгради. Како компанија многу се измачивме ова да го изведеме ова. Ние салата ја чуваме три години, имало ситни проблеми, искра од кабел, сме ги санирале“, изјави Арсовски.
Причината за пожарот сè уште е непозната.
Инаку, по две и пол години натегање и расправии со Град Скопје, Министерството за култура ја презеде салата и пред еден месец продолжи со реконструкцијата.
Симона Паскоска