Рекорден број земји го блокирале пристапот до интернет услуги како одговор на политички проблеми минатата година, што предизвикало „немерлива и постојана штета на човечки животи“, се наведува во нова анализа на Организацијата за интернет права „Acess Now“ и Коалицијата „#KeepItOn“.
Тие документирале вкупно 187 интернет блокади во 2022 кои биле воведени од влади на 35 држави во светот. Ова претставува најголема бројка на интернет блокади годишно откако организациите започнале да ги документираат овие настани во 2016 година, пренесува Гардијан.
Најголем дел од блокадите биле предизвикани од протести, конфликти или обвинувања за кршење на човековите права, додека мал број биле поврзани со изборни активности и училишни испити.
Индија е издвоена како водечка во овој вид цензурирање со документирани најмалку 84 блокирања на интернетот во 2022 година. Најголемиот дел од овие блокади се случиле во спорните региони Јаму и Кашмир, кои долг период се зафатени од политичка нестабилност. Сепак, во анализата се наведува дека ваквите пракси биле спроведувани и во други индиски региони.
Меѓу другите држави кои повеќе пати направиле вакви блокади е и Иран, каде интернетот бил исклучен најмалку 18 пати додека властите се обидуваа да ги ограничат анти-владините протести, како и Мјанмар каде биле воведени 7 интернет блокади.
„Владите ги користеа интернет блокадите како оружје за контрола и штит за неказнивост. Во 2022 година, и во авторитарни режими и во демократии, властодржците го засилија користењето на овие тактики, нарушувајќи го интернет пристапот со цел да ги зајакнат нивните агенди на репресија – манипулативните наративи, задушување на јавниот глас и обезбедување заштита за нивните активности на насилство и злоупотреба“, вели Фелисиа Антонио од организацијата „Access Now“.
Во анализата се наведува и дека руската армија користела ракетни напади за да го прекине интернет пристапот во Украина вкупно 22 пати, додека руската власт исто така се обидела да ги принуди окупираните територии да се приклучат на високо цензурираните и прислушкувани руски мрежи.
Исклучувањето на интернетот од Владата на Етиопија во бунтовничкиот регион Тиграј е најдолготрајна блокада која ја регистрирале „Access Now“ и „#KeepItOn“ и траела повеќе од две години додека истовремено има обвиненија за убиства, силувања и етничко чистење. Телефонските врски и мобилниот интернет биле вратени во Тиграј по потпишувањето на примирје во ноември, но и понатаму има територии кои остануваат отсечени телекомуникациските врски.
„Штетата која интернет блокадите ја имаат предизвикано минатата година е немерлива, но во 2023 и во иднина таа може да се спречи. Ние, како меѓународна заедница, имаме моќ и моментум не само да го запреме растот на глобалниот тренд на намерни ограничувања, туку и засекогаш да ги елиминираме“, вели Зек Росон, аналитичар од „Access Now“.
Еден позитивен тренд кој се издвојува во анализата е намалениот број на земји кои го блокирале интернетот за време на избори. Во 2022 имало само 5 такви држави, додека во 2021 имало дури 12 држави кои блокирале интернет за време на избори.
Сепак организациите кои ги документираат овие настани велат дека се загрижени за 17 избори кои се случуваат оваа година, меѓу нив и изборите во Пакистан, Демократска Република Конго, Гватемала и Зимбабве, каде во минатото имало случаи на блокирани комуникациски платформи.