Рекордна бројка од 29,3 милиони визуелни содржини од сексуална злоупотреба на деца биле пронајдени и отстранети низ интернетот во 2021 година, покажаа податоците на американската непрофитна организација Национален центар за исчезнати и злоупотребени деца (НЦМЕЦ).
Од организацијата велат дека овие бројки се за 35% повисоки од 2020 година, но додаваат дека ова зголемување не е неопходно причина за аларм, бидејќи таа можеби претставува и подобрување на интернет платформите во идентификување на ваквите содржини.
„Повисоката бројка на пријави може да биде последица на повеќе нешта, меѓу кои и поголемиот број корисници на платформите, но и тоа колку силно електронските провајдери на услуги се борат во идентификување и отстранување на содржините на содржини на злоупотреби на деца“, велат од НЦМЕЦ.
Најголемиот број на пријави кои НЦМЕЦ ги добиле биле од Фејсбук, од каде идентификувале 22 милиони слики и видеа на сексуална злоупотреба на деца. Дополнително уште 3,3 милиони вакви содржини биле регистрирани на Инстаграм, а 1,3 милиони на Ватсап.
Гугл пријавиле скоро 900 илјади вакви содржини, додека Снепчет нешто преку половина милион.
„Рекордната бројка на пријавени содржини од сексуална злоупотреба на деца кои ги прими НЦМЕЦ минатата година е уште еден потсетник за големината на прекршоците кои се прават онлајн и ризиците на кои се изложени децата при користење на социјалните мрежи“, вели Енди Бароус, директорот за детска онлајн безбедност на Центарот, пренесе Гардијан.
Од организацијата посочуваат и дека минатата година пријавиле 4.260 потенцијални нови жртви на сексуална злоупотреба на деца до полициските служби.