Рекреативен или медицински канабис – никој корисник не треба да биде игнориран

„Што повеќе учев за канабис, сфатив дека е ефективен, со резултати. Не само што е ефикасен, туку често и потолерантен од конвенционалните лекови. Често добивам прашање за разликата меѓу медицински и рекреативен канабис? Се’ се сведува на мотивот. Има луѓе што единствено го користат рекреативно, за „хај“ ефектот, исто како што го употребуваат алкохолот, за „чувството“ што го дава. Многу граѓани го користат и од медицински причини, независно дали е поради опуштање, регулирање на болка или, едноставно, зашто прави да се чувстуваат добро. Луѓето не треба да бидат игнорирани“, рече канадскиот доктор Јонас Вандерсван пред семинарот „Канабис 1.000 зошто – 1.000 затоа“.

Доктор Вандерсван доаѓа од Онтарио. До пред некоја година беше скептик. Приврзаник на анти-канабис фелата. Сепак, со време и искуство со разни луѓе и состојби, неговите ставови се сменија за 360 степени. Сега е директор и член на извршниот одбор на „WeedMD“, лиценциран производител на канабис за медицински цели во Канада.

Канаѓанецот редовно препишува канабис на пациенти, а викендов го пренесе знаењето и на семинарoт во „Јавна соба“, организиран од Здружението „Зелена алтернатива“.

На настанот повторно се создаде простор за предавања и дискусија со докажани меѓународни научници и доктори. Слаб беше одзивот од македонските лекари, но затоа дојдоа граѓани да слушнат искуства за различни здравствени состојби – карцином, леукемија, аутизам, кронова болест… Кој што го мачи. Сите беа тука да разменат искуства за лековитото својство од канабисот. Да помогнат или да си помогнат.

Вандерсван главно зборуваше за третман на хронични болести. Вели, до пред некоја година во Канада немале „опиплива“ претстава за употребата, но студија од 2013 покажала дека за хронична болка го користат 29%. Вториот најчест симптом биле ментални состојби, нервоза, депресија, несоница, а трет – проблем со апетит и тежина.

Неодамна студијата била повторена и покажала 40% за ментални состојби, а 37% за хронични болки. Ако го земе неговото искуство, вели тој, тогаш процентот за болките е 80%. Особено што хронична болка се јавува во различни ситуации.

„Чести проблеми се артритис, болка во кичмата, стомакот, фибромијалгија, или пример хронина мигрена која тешко се совладува со стандардна терапија. Болката е тешка. Неподнослива. Различно се доживува од различни пациенти. Дваесет отсто од канаѓаните живеат со хронични болки. Им го попречува секојдневниот живот. Не само физички, штети и во поширок социјален контекст. Депресивни, стресни, психолошки ситуации… Како доктори сме морално обврзани да ги третираме пациентите. Да им го олесниме страдањето“, нагласи Вандерсван во презентацијата.

Според него, ако ги погледнеме „најслабите“ медикаменти, првиот принцип е дека „не правите штета“, меѓутоа, вели тој, скоро 8.000 луѓе умираат од лекарства за воспаленија. Хоспитализирани пациенти, со крварење, проблеми со срце, притисок, дел и со смртни последици.

Јонас Вандерсван

„Збориме за трошоци од 2 милијарди долари од лошо менаџирања на лекарствата против воспаленија. Што е со опијатите? Во Македонија, колку што знам, постои проблем со бројни зависници?! Во Канада и САД ова е огромен проблем. Криза во јавното здравје. Во 2015 година дури 33.000 се предозирале со опијати. Лани се регистрирани 50.000 вакви случаи. Овој поразувачки тренд е резултат на лекарствата што ние, како доктори, ги препишуваме. Не умираат луѓе само од хероин, туку и од лекарства на рецепт. Преку два милиони луѓе во САД се зависници од легални медикаменти, на рецепт. Во Канада има четири смртни случаи на ден“, нагласи тој.

Што е со канабисот? Некој прашува, дали има „докази“ дека влијае на болката? Според докторот „отсуството на доказ не е доказ за отсуство на ефектите“.

„Уште од 2011 година, студија даде добри резултати, од пациенти со различна болка. Од 18 дури 15 покажаа одлични резултати со канабис. Позитивни ефекти, добро се толерира, безбедно е, без несакани или многу ситни ефекти. Многу малку престанале да го користат поради ‘несакани ефекти’. Потоа имаше дополнителни 11 случајни проверки, истражувања, а резултатите беа слични“, нагласи канаѓанецот.

Штанд на „Зелена алтернатива“

Во неговата земја, во последните три години постапката се забрза. Регистрирани се повеќе од 300.000 пациенти кои го користат за медицински цели. Лично, смета дека функционира. Но, и стигмата што ја следи марихуаната полека исчезнува, за да дојдат до фаза кога, на крајов на 2018, Канада би го легализирала за рекреативни цели.

„Немам никаков проблем со тоа. Да се третира марихуаната различно од другите рекреативни супстанци, како на пример алкохолот, нема никаква логика. Со оглед на тоа што доказите даваат насоки дека алхохолот е многу поопасен за здравјето. Сепак, треба претпазливост, соодветна едукација да ги одвратиме децата од канабисот. И мора да воведеме системи за да се спречат опасности, како на пример возење под дејство на канабис. Канада прави се’ за да ги воведе таквите процеси“, потенцираше Вандерсван.

Роберт Меламед, доктор по молекуларна биологија и биохемија на City Universitу New York даде свој поглед, теорија за физиолошка рамнотежа. Смета дека метаболизмот ја создава ДНК-та, а не обратно.

„Ако сакаме да го дефинираме здравјето, може вака – здравје е собир на молекули кои се наполнети со енергија, коишто течат. Еве пример. Што се случува кога ќе ја извадите затката од кадата? Постои потенцијалот зад гравитацијата, што создава спонтана организација на милијарди молекули, прават вртлог, па водата лесно истекува. Тоа сте вие. Се додека вртлогот постои, се додека јадете, се потите, мокрите – можете да ја одржувате структурата зависна од енергија“, вели тој.

Роберт Меламед со своја презентација

Нагласува дека постојат многу интересни области за истражување, но ја немаме вистинската перспектива. Со тоа што го водиме нашиот биохемиски терк, можеме да создаваме „состојба на здравје во неочекувани околности“.

„‘Чудото’ на канабисот е дека сите ние имаме ендоканабиноиден систем. Нашите тела создаваат состојки и постојано стануваме ‘хај’ од раѓање. Психоактивните канабиноиди се во мајчиното млеко. Таму се со причина. Канабисот е дел од нашиот живот. Канабиноидите го регулираат протокот на енергија. Регулираат на начин за да се подобри здравјето. Стареењето и сите болести поврзани со него е засновано на штетата што ја прават слободните радикали“, рече Меламед пред присутните.

Нагласи, секаде низ светот се шири поголема свест за канабисот. Свовидно будење за канабисот по стагнација и игнораност. Владите, нагласува, конечно ќе мора да ги слушнат граѓани кои велат „се ослободив од ракот“, „од мултиплекс склероза“, „од разни болести“…

„Јас сум 70 години, а користам канабис – 54. Ви зборувам од директно и искуство на илјадници луѓе низ светот. Слушнете не’ што зборуваме и применете го за вашето здравје. Функционира. Она што треба да го направиме е нашата градба да ја избалансираме со штетите. Нема смртоносна доза од канабис. ‘Аспиринот’, на пример, се смета за безбеден. Неговите почетоци датираат од почетокот на фармацевтската индустрија, кога канабисот стана незаконски. Индексот кај ‘аспирин’ е 15:1. Ако земете еден ќе ве ‘смири’, а со 30 ќе искрварите до смрт. Терапевтскиот индекс кај канабисот е 40.000:1. Канабисот не може да ве убие“, констатираше тој.

И доктор Пол Хорнби се придружи на ваквите размислувања. Тој е истражувач, магистар по биохемија и доктор по човечка патологија. Смета дека канабисот е сериозен ефективен лек. Кого го најавија откривањето на рецепторот, на почетокот на 90-те стартуваше експлозија на научни трудови за лековитото дејство на канабисот. Тоа, смета, е едно од најголемите медицински откритија по ДНК и инсулинот.

„Личноста што ја откри активноста на ТХЦ-то е номинирана за Нобелова награда. Се сретнав со таа личност во Тел Авив и ми кажа дека во 50-те и 60-те, кога почнале истражувања со ТХЦ, сите ги сметале за луди. Таа личност е номинирана за Нобелова награда. Ова кажува за важноста на канабисот, кој е премногу регулиран“, рече Хорнби.

Пол Хорнби (лево) презентира, а Филип Достовски (десно) асистира

Повторно го сподели личното, непријатно искуство до Шпанија. Паднал од балкон и завршил со скршеници на лактот и ногата. За артритичната болка единствено користел висока концентрација на ЦБД во капсули. Мешавина на висока концентрација на канабидиол и еден терпенин што значително помага за воспаление, и помалку од 4% ТХЦ.

Сите овие состојки, вели тој, делуваат заедно за да му го овозможат потребното заздравување.

„Местото од каде доаѓам, во Канада, наскоро ќе се легализира рекреативно. Иако, не сум сигурен што подразбира ‘рекреативен канабис’. Човек што ќе испуши џоинт минува низ терапевтски процеси. Изразот ‘рекреативен канабис’ е реакција на фармацевтската индустрија, за да не’ потцени, за да не не’ сфаќаат луѓето сериозно“, смета Хорнби.

Околу дилемата рекреативен-медицински се надоврза и наградуваниот чешки аналитичар и хемичар Лумир Ондреј Хануш. Добро познато лице за македонската и светската јавност. Во 1992 заедно со Вилијам Антони Даван ја излолираа и први ја објаснија структурата на анандаминот – нашето „ТХЦ кои сами го произведуваме“.

„Често зборуваме за канабис и за коноп. Но, канабисот е коноп. Нема рекреативен, медицински или технички канабис, има само канабис сатива. Тоа е едно растение. Канабисот е коноп кој може да се користи во индустрија, во медицина, за рекреативна употреба. Тоа зависи од соодносот на неговите компоненти. Не може да има поделба. И расте насекаде. Пример, во Сибир се среќава на ‘двете страни од патиштата’, со километри. Луѓето се среќни бидејќи можат да излезат од градот, си го набават, потоа да си направат екстракти, и да се лечат“, вели Хануш.

Лумир Ондреј Хануш

Повторува – канабисот е старо растение. Во Кина пред 6.000 години, при ископувања се пронајдени чевли направени од коноп. Пред 5.000 години императорот Шенг Нунг, т.н. татко на земјоделството, го ценел канабисот и го сметал за еликсир на бесмртноста.

„Во Азија, Асирците владееле повеќе од 1.000 години, а благодарение на нивните таблици со натписи, најважните откритија се афион и канабис. Се среќава под различни имиња, зависно дали бил користен за верски церемонии, или за лекување. Во Египет околу 2.000 п.н.е. биле пронајдени папируси со хиероглифи за канабис. Во регионот во Јужна Кина постои село со луѓе што во просек живеат 100 -110 години. Многу се здрави, преку 2.000 години користат канабис и како храна. Подготвуваат супа од канабис – го ставаат во вода, потоа го варат и – јадат. Ова е интересно за испитувања на геријатрите, бидејќи само 4 од 10.000 добиваат рак“, нагласи докторот.

Во однос на третирањето кај пациенти, со разни болести, нагласи дека кај некои лица се забележува значителна промена, кај некои не. Кај едни побавни резултати, кај други побрзо.

„Не се знае каква и колкава ќе биде реакцијата индивидуално, но потребно е да го пробаат како лекарство“, смета Лумир Хануш.


Бојан Шашевски