(Ре)лансирање на гејмерската платформа „SHIFT2GAMES“ во четврток во „База42“

Платформата „SHIFT2GAMES“, наменета за ученици, студенти и сите кои сакаат својата кариера да ја започнат или продолжат во индустријата за развивање на игри, е преведена комплетно на македонски јазик и Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ ќе ја (ре)лансира на 5 декември, четврток, со почеток во 18 часот во „База42“.

„Платформата беше лансирана пролетта 2023 година на српски јазик, а оттогаш под нејзино покровителство се реализираат настаните ‘Денови на кариера’, кои досега се одржуваа во Нови Сад, Белград, Ниш и Нови Пазар. На овие настани, публиката може да слушне инспиративни и информативни предавања за тоа како е да се работи во индустријата за игри, но и директно да разговара со луѓе од локални компании за гејминг, како и со искусни арт директори“, истакнуваат од МГИ.

Оттаму велат дека како партнер ја преземале локализацијата на платформата „Shift2Games“ на македонски јазик на целата содржина на страницата, каде што може да се најдат детални описи на 50 различни позиции во индустријата за развој на игри, со многу информативни ресурси и совети за сите оние кои својата кариера ја бараат во доменот за  создавање видео игри. Платформата е наменета за студенти, млади професионалци, средношколци, па дури и родители кои се вклучени во кариерната ориентација на своите деца.

„Со поддршка на проектот ‘RECONOMY’, како и партнерите МГИ и Албанската заедница за игри, ‘Shift2games’ сега е достапен на  4 јазици: српски, англиски, македонски и албански, со дополнителна ‘универзална’ верзија на BHS што може да се користи од заинтересираните од целиот регион. Новиот сајт ќе биде официјално претставен на овој настан, кој е последен од низата регионални собири што ги организиравме оваа година. и овој настан претставува сплет од два интересни SGA проекти – ‘Playing Narratives’ и ‘Shift2Games’, од кои секој на свој начин е наменет за студенти и млади професионалци кои сакаат професионално да се вклучат во развој на игри“, додаваат од Асоцијацијата.

Предавачите Милан Личина, професор на Универзитетот Метрополитен во Белград, Милица Тодоровиќ, продуцент во „Ubisoft“ Белград и Иван Саздовски, инженер за „QA“, кои доаѓаат од Србија и Македонија, на настанот ќе разгледаат различни аспекти за тоа како е да се работи во индустријата за игри и како изгледаат некои од позициите и процесите.

„Бидејќи менторската програма ‘Playing Narratives’ оваа година имаше тема за климатските промени, Марјана Бркиќ, која го води нивниот меѓународен проект ‘Climate Europe 2’, исто така ќе и се обрати на публиката, а по завршувањето на програмата, придружете ни се на забавата за вмрежување и погледнете ја интригантната поставка презентирана од нашите партнери од ‘CPN’. Посебна благодарност до ‘База42’ за гостопримството, како и DJ Gameover – за музичкиот избор“, додаваат од МГИ.