Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“ во Струмица, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, 27 јануари 2024 година во 21 часот ќе ја отворат изложбата на цртежи насловена „Реминисценции“ на Страхил Петровски.
Митко Гогов, организатор на оваа серија изложби за колекцијата „Реминисценции“ ќе напише:
„Реминисцении“ содржи 12 дела кои меѓусебно се надополнуваат, дејствуваат и го окупираат просторот со експресија која е препознатлива во неговиот визуелен израз. Мрачни предели, брзи, храбри движења, перфекционистички минимализам, независно преку кои димензии и формат се изразува, спектаторот не останува рамнодушен. Страхил Петровски комуницира интуитивно, жестоко, дури и сурово, структурата на неговиот ликовен јазик е впечатлива, иако дводимензионални, тие откриваат повеќе слоеви, просторни димензии кои како камелеон се адаптираат во различни, по можност отворени, широки простори. Може да се почувствува инхалирање на космичкиот мир, а да се види конкретниот хаос, кој е во некоја неповторлива хармонија со линиите и потезите. Тој прави духовно поврзување и изнудува философско истражување и преиспитување на досега познатото апстракно, во контекст на задолжително присуство во сегашниот момент, притоа посегнувајќи кон реверзија, или како што кажува самиот наслов, реминисценции. Преку таквиот интимен однос со минатато лично и колективно, оваа изложба е пресек на времепловот, оска од која може да се види наназад, но и убедливо кон идните општествено психолошки расплети“, пишува Гогов.
Исто така, вели дека „Реминисценции“ претставува склоп од ангажирани микро космоси, длабоки како и самиот карактер на авторот, мистериозни и со силен интензитет на препознатливост. Со неговиот манир и начин на изразување тој гради кумулативна атмосфера, истовремено илузиорна и сеприсутна.
Инаку, роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор.
Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научно-истражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје.
Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.
Досега реализирал повеќе од 20 самостојни изложби во Македонија и надвор, учествувал на повеќе од 80 групни изложни и добитник е на повеќе национални и меѓународни награди и признанија.