Лавот Мохавк, еден од најпознатите големи мачки во Кенија е смртно застрелан вчера од ренџери кои фаќале диви животни.
Портпаролот на ренџерската служба изјави дека кога тимот пристигнал на терен, со себе немале лекови за смирување, туку само пушки. Во меѓувреме, додека вториот тим донесе средство за смирување, лавот веќе бил убиен, бидејќи претставувал опасност за луѓето во неговата околина.
„Изгубивме еден од нашите најдобри лавови“, рече Нели Пармерис, долгогодишен чувар во Националниот парк на Најроби.
Претходно, група луѓе го опколиле лавот во градот Исинија, на неколку километри од главниот град Најроби. Тие се фотографирале со него, а дел фрлале камења по него. Ова предизвикало лавот да нападне неколку луѓе.
„Кога го повреди човекот, за нас беше јасно дека тоа може да доведе до полоша ситуација и моравме да го смириме“, рече портпаролот на ренџерската служба.
На социјалните мрежи, пак, луѓето го осудуваат овој чин, велејќи дека се згрозени и разочарани од службите во Кенија.
Мохавк им беше добро познат на туристите, лав кој се навикна да биде изложен пред очите на луѓето за време на сафари турите и на апаратите за сликање. Ова е трет пат, во два месеци лав да избега од Националниот парк во Најроби. Еден беше пронајден во близина на воена касарна, а друг, на земјиште во близина на интернационалниот аеродром.
Меѓународната унија за заштита на природата го стави африканскиот лав на листата на „ранливи“ видови. Студија од лани, пак, покажа дека нивното население е намалено за 50 осто во изминатите 20 години.