Реновирање на 60 училишта и подобрување на условите за учење за над 42.000 наставници и ученици се дел од многубројните активности во проектот за Меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО) на УСАИД.
Резултатите за сработеното денеска беа презентирани на завршниот настан за проектот кој го имплементираше Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ).
Во рамки на настанот се организираше и кратка дискусија на која ученици, кои учествуваа во активностите од проектот ги споделија нивните искуства.
Младата Салија истакна дека првата работа на која ѝ паѓа на памет кога ќе се спомене проектот е тоа што училиштето каде што учат сега е подобро за учење, односно е реновирано и изгледа поново.
Во меѓувреме, ученичката Анастасија сподели дека неа најголем впечаток ѝ оставиле заедничките часови кои се организирале во нејзиното училиште.
„Додека се реализираа, имавме двајца професори, се зборуваше на два различни јазици. Благодарение на тие часови стекнав многу пријатели со кои се дружам и ден денеска, и научив многу зборови на албански јазик“, рече Анастасија.
За Валон пак, една од работите која ќе му остане во сеќавање е кампот во Охрид.
„Таму поминавме многу убаво, имавме многу проекти, сретнав повеќе од 50 другари… исто така имавме многу разни активности“, рече Валон.
Преку проектот, во кој исто така се ревидирале и програми по граѓанско образование, Небојша Мојсоски од МЦГО вели дека придобивки имале повеќе од 81.000 ученици.
Мојсоски за Радио МОФ објаснува дека проектот опфаќал три компоненти – јакнење на меѓуетничката кохезија во образовниот систем, јакнење на демократската култура и граѓанското однесување меѓу младите и стимул на училиштата, односно нивно реновирање.
„Проектот работи на подобрување на меѓуетничката интеграција преку позитивни интеракции помеѓу етнички мешана младина на ниво на училиштата и на ниво на заедницата и подобрување на содржините по граѓанско образование, вештини и однесувања и пракси на волонтирање кај младите“, додаде Мојсоски кој е раководител на проектот.
Во рамки на проектот биле организирани заеднички наставни и воннаставни часови, секции, работилници, дискусии, младински акции, односно хуманитарни и еколошки акции. Сите активности, Мојсоски вели дека биле во насока на создавање позитивни промени на ниво на училиштата и заедниците.
Според него, тоа што им оставило најмногу впечаток во работата со проектот биле, како што вели, сите активности во кои гледале насмеани и инспирирани лица, односно активностите во кои гледале како учениците меѓусебно се мотивираат.
„Воодушевувачки податок за нас беше дека над 80% од учениците кои биле дел од овие активности би сакале да продолжат да бидат дел од слични активности во иднина“, посочи Мојсоски.
Теодора Столевска, директорка на Младинскиот образовен форум (МОФ) кој е партнерска организација во проектот, посочи дека во изминатите пет и пол години работеле со илјадници млади кои, како што рече, имале прекрасни идеи, а кои потоа биле реализирани во акции што помагаат на целата заедница.
„Ова е многу важно, најголем дел од младите кога ќе ги прашавме што мислите дека ѝ треба на заедницата, никој од нив не се фокусираше на себе, сите се фокусираа на заедницата. Правеа паркови, градеа игралишта, реновираа дворови на школи, велосипедски патеки, пешачки и беше навистина инспиративно да се види дека прво нешто што помислуваат младите е заедницата и унапредување на заедницата“, рече Столевска.
Според Мојсоски, по завршувањето на проектот продолжуваат да се спроведуваат активностите и идеите од страна на училиштата во рамки на образовниот систем, додавајќи дека „проектот завршува, но процесите продолжуваат“.
Мартин Колоски