Два дена по овогодинешното издание на „Скопје Гори“, конечно решив и јас да кажам нешто за тоа што се случуваше, за СИТЕ ВАС кои не бевте. Со причина го потенцирам СИТЕ ВАС, затоа што не верувам дека годинава на Кале имаше повеќе од 2000 луѓе.
Лани барем „Кенбах“ (што сè уште ми е смешно) се нафати да го гаси, ама оваа година НИКОЈ! Закажани изведувачи беа: Пеперминт, Ареа, Нокаут, Санаториум, Last Expedition и Public Image Ltd. (PiL). Од мене нема да го добиете муабетот „леле како не ви е срам“, панк легендата Џони Ротен итн… подоцна ќе ви објаснам зошто, но како и секогаш да почнеме од почетокот.
Јас и Дарко Андреевски пристигнавме на Кале околу 21 часот. Цело време по пат муабетот беше „еј ги пропуштивме Пеперминт и Нокаут сигурно“, зашто почетокот беше најавен во 19 часот. Ама ајде, ок, нема врска, дојдовме сепак Џони Ротен да го видиме. Како што се качуваме на Кале, се обидуваме да слушнеме кој свири, ама слабо ни оди. Кога дојдовме, што ќе видиме: Пеперминт само што почнаа да свират. Причината беше повеќе од очигледна, народ нема.
Во тој момент одвај имаше околу 500 луѓе, а можам да замислам колку имало во 19 часот. Но, ајде не е ни важно, се случува да доцнат настапи поради малку народ на почетокот. Пеперминт, како и секогаш, позитивни, весели, интересни и публиката ги обожава и пеат заедно со нив. Додека уживавме во нивниот настап решивме да одиме по освежување т.е. по едно-две пива да испиеме. Зашто воопшто мислев дека овој пат ќе биде нешто поинаку? Кога го кажувам ова мислам на цените.
Одиме да видиме што има за пиење, веднаш ги познавме зелените фрижидери. „Каменица“ и „Старопрамен“, колку се? 100 „Каменица“, 150 „Старопрамен“… И не, не мислеше дечкото на цело шише. Кога ќе ми текне пред неполн месец бев максимално револтиран за 80 денари чаша „Златен Даб“ на Аква Парк Фестивалот, цена која со радост ќе ја платев за тоа пиво доколку овде ја имаше. Фак ит, жедни сме нема друга опција, се напивме по едно „Каменица“ (ај да беше Скопско вреди да ги дадеш 100, за ова ни 40 не би дал). Завршија Пеперминт, Горан се заблагодари во името на целиот бенд, се поклонија и ја напуштија сцената.
Наредно што се појави на сцена беше Ареа. Ееее, викаме овие знаат да направат одлично музичко шоу. Почнаа моќно како и секогаш, Ружица сè уште звучи прекрасно, но во тој момент прекинува гитарата на Ивица. Ајде се случува и тоа (нешто што НЕ СМЕЕ ДА СЕ СЛУЧИ), секогаш е аргументот, Македонија е ова, вакви глупости се редовни кај нас.
Дваесет минути си почекавме да го средат проблемот, многу крчење и фонија беа дел од таа пауза (нашиот слух може да трпи секакви звуци, не е проблем). Се извини Ружица и продолжија да свират. Како и Пеперминт, така и Ареа да ти е мерак да ги слушаш. Си го кажаа своето, се поклонија и тие ја препуштија сцената на Нокаут.
23 часот дојде и „големите“ Нокаут се појавија на сцената. Пере изгледа му здосадил Џони Деп фазонот, па сега е изгледа како Снуп Дог да му идол (раста изглед и премногу Јамајка дезени). Мене ме интересира, ако има некој да ми каже, дали имаат пропуштено некаде да свират годинава? Се надевам дека конечно ќе приметат дека стануваат досадни. Не за џабе, народов го кажува вицов
-Ееее Пере шо праиш?
– Еве бе концертче, свириме малце.
– Ако, ако, ја се симнав до подрум ајвар да си зеам… :)
Ги отсвирија едните исти песни (очигледно не е промената секогаш добра) и се симнаа од сцена. 23.30 веќе, а има уште 30 минути до настапот на PiL (така ни кажаа од Авалон), а уште не свиреле Санаториум и Last Expedition. Хммм изгледа чудно, но си викаме сигурно направиле некоја комбинација за се да биде во најдобар ред. Се затемни сцената и изглегоа легендарните македонски „трешери“ Санаториум. МОЌНИ, ГЛАСНИ, ФЕНОМЕНАЛНИ!!! За нив секогаш имам високи очекувања и никогаш не ме разочарале.
Додека сите полудуваат на нивниот настап, погледнав во телефонот да видам колку е часот (00.05 беше) и нешто ми го одвлече погледот лево од сцената. Таму ХАОС! Гледаш се караат, викаат, и гестикулациите наликуваат на: „ТРГАЈТЕ ГИ ОД СЦЕНА!!!“
Што е работата? Е сега, целото карање и урлање е од страна на Англичаниве, а причината е тоа дека „неговото величество“ Џон Лајдон (и намерно не го употребувам надимакот Џони Ротен повеќе) морал со неговиот бенд да излезе на сцена помеѓу полноќ и 00.30. За да се случи тоа, бараат Санаториум да се симнат од сцена, кои на крајот беа приморани да го направат тоа. Се заблагодарија на публиката, се извинија и кажаа дека не е до нив ова. Во рок од 10 секунди се растрчаа Англичаниве низ сцената и почнаа да подготвуваат сè…
Чекај, чекај… Нешто како да заборавам… Абе не требаше сега Last Expedition да свират??? Што е работава не ми е јасно? Не се сигурно ставени после Пил…
Се распрашувам малку по одговорните, и го добивам муабетот со саатот и поради тоа момците ги преместиле за после Пил…. Одма се рашири веста и пола беа револтирани, а другата половина (од сите 2.000 луѓе) беа како, ок, сè додека сите настапат, кул е. Во меѓувреме, сцената турбо ја местат за во еден часот да се појават Пил.
И, кога дојде тој момент, гледам наеднаш Англичаните сите ги бркаат од позади сцена за никој да не го вознемири „Неговото Височество“ Џон Лајдон (за споредба ќе кажам само дека Public Enemy на минатогодишното издание се шетаа низ публика, а Duran Duran цело време беа надвор и мафтаа на публика пред да почнат). Излегува на сцена и што ќе видам??? Го очекувам Џони Ротен, човекот што е дефиниција за бунтовник во изминативе 30 години, на сцена го добивам Али Баба (како што и самите можете да видите на сликите). Тоа што моите очи го видоа, е она што се нарекува живеење на стара слава и име.
Буквално сите што ги познавам дојдоа да го видат Џони Ротен, а изгледа дека тој човек починал во 79-та заедно со Сид Вишс. Ниту музиката, ниту енергијата не е тоа што го очекувавме. Дури во еден момент (на втората песна) му прекина микрофонот и неговиот коментар беше: This equipment is sh*te. Си го отсвиреа тоа што им беше планирано, и ај ние си викаме барем ќе не кренат Last Expedition.
После бисот на Пил, се поклонија и си заминаа. Сите очекуваа Last Expedition, а добија нешто што не го очекуваа. Собирање и пакување на опрема… Пола зачудени, пола револтирани, што се случува??? Стапив денеска во контакт со Сеад Хаџиќ – Сецко од Last Expedition да разберам што се случи. Со право, Сецко е максимално револтиран од случувањето:
„Анархистите кои поради нивните барања не дозволија ниту еден од бендовите да има тонска проба, дури и VOX-от кој им го дадов ми беше пренесено дека не смеам да го свирам, не покажаа ниту респект према оние кои досле да ги чујат Last Expedition затоа што не можеле да почекаат ниту половина час. Нивните луѓе им се дереа на Санаториум додека свиреа да прекинат, дури и обезбедувањето беше ангажирано, за нешто подоцна никој да не смее да се движи онаму каде што тие ќе поминат како кралицата Елизабета да се обрати на гомила насобрани домородци. Тоа што можев да го видам вечерта од нивна страна беше капитализам во најпростачка форма, дури и Елизабета би покажала повеќе манири од PiL’’
Бидејќи технички не е изводливо да се настапува после нив (целата опрема што не беше нивна била извадена од сцена), Last Expedition не настапија. Не може да се опише колку само е тоа големо непочитување и кон публиката и кон самите Last Expedition!!! Не за џабе народот беше во толкав „голем“ број присутен. Македонче има шесто сетило за вакви работи. Повеќе од јасно ни беше на сите каде е фокусот овој пат на Авалон. Истата вечер, на само 500 километри северно, Whitesnake (исто во организација на Авалон) свиреа на Калемегдан пред 15.000 луѓе.
Искрено се каам што на ланското „Скопје Гори“ дадов оценка 7/10 (со можност за подобро). Лани ги имавме Public Enemy и Orbital (и Партибрејкерс и Легијата), а оваа година…. давам 3/10 и со тоа сум многу великодушен. Ова беше можеби еден од најлошо организираните концерти на кои сум присуствувал. Дополнително ме револтира тоа што на фан-страницата на Авалон има информации само за тоа колку било добро во Белград, а никаде не го споменуваат Скопје. Како да очекуваат магично да го заборавиме. По ова што се случи, сите двапати ќе размислат пред догодина пак да отидат на Скопје Гори.
П.с. Еве денеска (недела) Авалон продукција пушти официјално соопштение, во кое се објаснува дека поради невозможни услови (и виша сила) биле сите тие пропусти. Целото соопштение може да го прочитате на следниов линк.
Николај Митрески