Улиците на иранската престолнина Техеран стануваат тивки по полноќ, но едно чудно место во побогатиот дел од градот нуди редок поглед во она што се случува меѓу четири ѕида. Во контраст со напуштените тротоари и излози од продавници по техеранските булевари, овој дел од градот блика од активност. Сообраќајот е овде погуст – возачите се редат позади Поршеа и Мерцедеси, кои излегуваат од своите ленти, затоа што се пијани или само затоа што им се може.
Иако постои строг закон според кој сите угостителски објекти мораат да затворат на полноќ, една продавница, наречена „Супер Јордан“ има дозвола да работи цела ноќ, монополизирајќи ја полноќната продажба на освежувања. Се зборува дека сопственикот има посебни врски во градската власт. Во секој случај, купувачите во различни фази на пијанство пазаруваат во отворената продавничка без да имаат проблеми со полицијата.
Во вечерите од викендот, групи момчиња со модерни фризури, и девојки со коси во неонски бои и усни полни ботокс се собираат пред влезот на продавничката. Покрај редовните посетители, во викендите овде чекаат и многу жители на јужен Техеран, кои ги дополнуваат своите резерви на цигари, полноќни грицки и пијалаци кои се мешаат со алкохол. Во внатрешноста, гужвата и силното светло создаваат напната атмосфера, а купувачите се трудат да избегнат контакт со очите и да ги сокријат капките пот на нивните чела и алкохолот во нивниот здив.
Иако многу Иранци пијат алкохол во нивните домови, тие тоа го прават ретко во присуство на непознати луѓе. Општеството се држи до старата персиска изрека: „Она што се случува во четири ѕида, останува во четири ѕида.“ Местата како „Супер Јордан“ нудат ретко соочување со реалноста. Забранетите работи како сексот надвор од бракот, пиењето алкохол, проституцијата и дрогите се постојано присутни, но ретко се јавно видливи. Оттаму доаѓа нелагодноста кај купувачите во малата продавничка.
Во Техеран има десетици вакви „сиви зони“, во кои нелегалните активности од различен степен се толерираат. Меѓу нив се плоштади на кои стојат жени прекриени со наметките хиџаб, но кои носат кармин на усните. Тие се толку присутни, што секоја жена што стои на плоштадот по 22 часот може погрешно да биде идентификувана како сексуална работничка. Во викендите, некои улици на Техеран се преполни со млади богати луѓе со скапи спортски автомобили, кои бараат врски за една ноќ, било за одреден надомест или „про боно“. Постојат и кафе-барови и ресторани чии сопственици молчат кога нивните гости ќе стават некој алкохол во својата пијачка, како и паркови и планински патеки надвор од градот каде средношколските парови можат да договорат романтична средба, далеку од очите на родителите и моралната полиција.
Целата дискреција се напушта само во затворените простории. Иако повеќето куќни журки се под постојана закана од полициска рација, кодот на четирите ѕида дава чувство на сигурност. Дури и кога ќе дојдат полицајците, журкаџиите-прекршители на законот имаат повеќе начини да го избегнат камшикувањето, кое е законска казна за пиење алкохол. Овој процес е опишан во филмот „Апсолутно припитомување коњи“ од 2011, во кој е опишан животот на полицаец кој оди во рации низ куќите на Техеран, барајќи нелегални журки. Филмот илустрира како полицијата се однесува во вакви ситуации – казната зависи од поткупот кој ќе го понудат фатените журкаџии, како и од нивниот статус во општеството.
За богатите и оние со добри врски, границите на хедонизмот се омеѓени само со просторот во нивните вили и луксузни станови. Некои ги опремуваат своите домови со диско-светла и диџејски грамофони, трансформирајќи ги во приватни ноќни клубови. Има вакви дискотеки во кои девојки облечени само во бикини ги прскаат гостите со пиштоли на вода, како и забави на кои нема место за стоење од многуте пакети увезен алкохол. Во Техеран се случуваат и журки организирани под превезот на филмски проекции, перформанси и концерти на андерграунд групи. На овие собири, учесниците на културната сцена се собираат за да ги критикуваат своите проекти, слушаат музика од 70-те или дури уживаат во фламенко со персиски вкус.
Најчесто, сепак, тоа се едноставни дружења на пријатели и познаници во потрага по опуштање од дневните притисоци. 33-годишната преведувачка Настаран вели дека организирањето редовни забави во нејзиниот двособен стан и дава нешто на кое му се радува во деновите од неделата.
„Станува во 6 часот, фрлам малку вода на лицето и влегувам во сообраќајот. Во вечерите, ако имам среќа, стигнувам дома во 20 часот, вечерам и одам на спиење. Ако го немав ова, каков ќе ми беше животот?“, вели Настаран, подигнувајќи го шишето шверцуван алкохол.
35-годишниот Амтин, редовен корисник на парти-дроги и халуциногеници, објаснува на малку поинаков начин. Откако одржува 15-минутно предавање за користењето на ЛСД, одеднаш запира и вели:
„Знаете како е тука – притисокот однадвор е толку голем, што понекогаш морате да најдете начин да емигрирате, барем внатрешно“.
Извор: Guardian