Хрватската фоторепортерска легенда Јасмин Крпан во минатото работел за југословенските часописи Полет и Старт, а известувал од сите важни настани на преминот на Милениумот: војната во Авганистан во 80-те, падот на „железната завеса“, смените на власта во Централна Америка, војните на Балканот. Негови дела објавувал и Њујорк тајмс, а фотографијата од погребот на советскиот политичар Јуриј Андропов е избрана меѓу 100-те најзначајни фотографии на 20 век.
Пред една година, сега 61-годишниот Крпан го напуштил родниот Загреб и оттогаш живее во Виетнам. Ја пренесуваме неговата сликовита репортажа за Јутарњи лист – тој ја опишува атмосферата во оваа далекуисточна земја, за која знаеме само од американските филмови кои ја претставуваат војната од пред 50 години.
Седам сам во соба сред проклето жешкиот и влажен Сајгон, во мала улица во која сонцето никогаш не доаѓа. На прозорецот има железни решетки. Собата е на вториот кат, но без решетките моите работи би ги снемало за час. Заради железото не можам да се наведнам низ прозорецот, но слушам се што се случува на улицата. Тоа всушност и не е вистинска улица. Широка е помалку од два метра, а куќите се високи. Соседи ми се препродавачи на лажни сенешта, пијаници, продавачи на овошје, жртви на Agent Orange (боен отров користен во виетнамската војна, прим.прев.), кројачи, проститутки. Не разбирам речиси ништо виетнамски. По гласовите можам да препознаам дали се караат двајца утрински пијаници или продавачите на велосипеди нудат варен ориз и овошје. Еден кат под мене живее остарен професор по англиски. Им дава приватни лекции на амбициозните сосетки кои им нудат љубовни услуги на странци. Кога зборува англиски, го разбирам уште помалку. Тој е несуден диџеј. Секое утро пушта рок музика. За него, што се однесува до репертоарот, времето застанало уште во 60-те, кога овде биле американските војници. Музиката одекнува по улицата како во бизарна, тропска акустична канта. Chuck Berry се се обидува да ја надвика сосетката која на улицата продава „pho“ за појадок.
Вообичаено скитање
Има уште за будење. Друг сосед, преполн со тетоважи, бивш војник на јужновиетнамската војска, ме буди со неговото ѕвоно. Не знам дали станал будист во логорот за „превоспитување“ во кој го ставиле откога паднал Сајгон. Или таков бил отсекогаш. Првпат штом го видов, сакав да ги фотографирам неговите тетоважи. Не одеше. Откако скоро цел месец ме гледаше секое утро и секоја вечер, му беше јасно дека не сум турист што носи маица со ликот на Хо Ши Мин. Еден ден, на точакот кој подоцна ми го украдоа пред носот, отидов во кинескиот кварт Чолон. Му купив цела рака мирисни стапчиња. Кај него тие гореа по цели денови. Му ги дадов и така почна. Ме викна да седнам покрај него, пред влезот во приземниот стан. Ни се придружи и негов пријател, кој зборуваше англиски користејќи изрази од хипиевските 60-ти. И тој бил војник на Јужен Виетнам. Заработува за живот возејќи луѓе и други работи на мотор. Една вечер, кога се враќав од вообичаеното скитање по Сајгон, ме викнаа кај нив. Се собраа пет-шест луѓе, сите поранешни војници на Јужен Виетнам. Седенката се претвори во пијанка со многу здравици. Другиот ден ми позираа.
Отидов на север. Ханој. Бегство од жештината и влажноста на Сајгон. Ханој како да не е главен град на Социјалистичката република Виетнам. Никаде нема српови и чекани, ниту комунистички пароли. Со нив е Сајгон преполн. На секој чекор црвени знамиња со срп и чекан. Слогани на оградите, столбовите, фасадите. Многу од нив ја величаат виетнамската војска. Постери за слогата меѓу работниците и селаните и социјалистичката интелигенција. На постерите, претставниците на интелигенцијата се со очила и книга под раката. Работниците и селаните обично под раката имаат шише, ама тоа никогаш не се гледа на постерите. Победничкиот север како и натаму да не му верува на поразениот југ.
Пионерки во Burger King
Со Сајгон, кој со поразот го снема од географските карти и стана Хо Ши Мин, како и со целиот Виетнам, и натаму владее Комунистичката партија. Но, таа како да се обидува да седи на две столчиња. Во старата, комунистичка, од која Ленин падна, како и во новата, која ја запоседнало божеството на парите и Мерцедесите во рацете на партиските лидери и нивните деца. Некогашниот лидер Хо Ши Мин, со вистинско име Нгујон Син Цунг и натаму е присутен во гипсаните бисти и уличните плакати.
Чудни се малите сајгонски улици. Звуците и мирисите низ нив се шират без оглед колку е далеку нивниот извор. На сезоната на дождовите и се ближи крајот. Додека првата утринска пот ми го влажни челото, слушам тапани. Не е рок музика. Одам кон паркот. Пионерки со црвени марами околу вратот се постројуваат. Извикуваат пароли. Како некогаш во Советскиот сојуз. Но, ова е сега и овде. Ги гледам како го вежбаат војничкиот чекор. Во паузата трчаат во Burger King. Кога пионерките ќе пораснат, црвените марами ќе ги замени лажен Versace, Gucci или Louis Vuitton. Ако имаат среќа, убавина и бел тен, па станат манекенки, ќе влезат во кругот на новите богаташи. Како сопруги. Или барем љубовници. Ќе ги возат на Harley-Davidson. Ако не биде така, ќе станат дел од војската млади кои работат на три работни места, во надеж дека ќе се обогатат преку работа. Скршени од шиење или склопување мобилни телефони во фабриките, ќе спијат по автобуси и паркови. Гледам две девојки како, по ноќната смена, спијат со главите наслонети на седиште од еден мотор. Вревата од сообраќајот, викањето на уличните продавачи, не ги буди.
Во средината на паркот е импровизиран голем шатор. На бината луѓе во униформи, никаде музичари. Во публиката исто така униформи. Моторите на улицата не запираат. Звучниците го пренесуваат гласот на човекот кој седи на средина на бината, под грбот на Виетнам. Јавно судење! Не сакам да мислам за тоа која е смислата на јавните судења. Делот од градот во кој живеам, каде што се одвива јавното судење, котира високо на градската листа на криминалот. Уличните грабежи се секојдневна појава. Дрогата е присутна насекаде.
Секојдневно возев со велосипедот до една продавница во која се продаваат слатки работи кои ги нема насекаде во тропските предели. По патот, поминувам покрај касарната. Војникот на стража, со пушка без рамка за муниција, главно се досадува и ги гледа девојките што поминуваат на мотори. Му мавнав. И тој мене. Иако бројните постери ја слават војската, да се биде војник не е баш „ин“. Војската им е привлечна главно на младите од провинција.
Строга цензура
Во центарот на Сајгон, каде се собираат млади, видлива е модна сцена за која тешко може да се рече дека одговара на принципите на комунистичката естетика. Во предвечерието, момче и девојка поминуваат покрај мене. Не нејзе – американска воена униформа. Униформите се барани меѓу младите. Судејќи според тоа, се чини дека комунистичката партија целосно се откажала од контролата врз младите. Впечаток е дека по основното училиште, кое и натаму функционира по советскиот модел, младите стекнуваат слобода. Но, не е така. Кога ќе тргнат во средно и ќе почнат да мислат со сопствената глава, влегуваат во сфера која Партијата и натаму ја држи под целосна контрола. Се што гледаат, читаат или слушаат мора да помине цензура, за да не ја подрива власта на партијата. Малубројните рок групи мораат да ги даваат текстовите на песните на цензура. Сликарите кои сакаат јавно да изложуваат, мораат своите слики да ги даваат на цензура. Затоа, бројни сликари кои излегуваат од Уметничката академија, наместо борба со цензорите, одат по патот кој на власта не и пречи. Работат копии од Rembrandt до Warhol, и добро заработуваат. На еден од таваните во стариот дел од повеќемилионскиот град, се десет млади уметници кои животот околу себе го пренесуваат на платно. Но, тие своите дела не можат да ги изложат. Еден од нив работи на опус од стотина еротски слики. Додека комунистичката партија е на власт, тие слики нема да ја видат светлоста на денот. Исто како и делата на фотографката од истиот таван, која го слика сопственото тело.
Неонските реклами во центарот на градот ја осветлуваат тропската ноќ. Стотици илјади мотори итаат по улиците. Илјадници улични локали се преполни со стари и млади. Се точат хектолитри пиво. Социјалистичката глад и немаштија се минато. Животот во форма на храна, пиво и мотоцикли цвета. Но, Сајгон на сликарството, музиката, филмот, е мртов. Уметноста е субверзивна. Од нејзината утроба се раѓаат нови идеи.
Извор: Јутарњи лист
Превод: Ж.Н.